Хрватските служби спасија 30 мигранти од реката Сава, откако тие се нашле во тешка и опасна ситуација на поплавено и непристапно подрачје. Според министерот за внатрешни работи Давор Божиновиќ, станува збор за лица кои се обидувале нелегално да ја преминат границата.
Мигрантите биле од земји како Авганистан, Пакистан, Индија и Бангладеш, а биле пронајдени во ноќните часови откако службите добиле дојава дека повеќе лица се заглавени во водата. Во акцијата учествувале полиција, пожарникари, цивилна заштита, медицински екипи и спасувачки служби.
Осум лица биле хоспитализирани поради симптоми на хипотермија, додека останатите биле згрижени и ставени под административна постапка за утврдување на нивниот идентитет и околностите под кои ја преминале границата.
Според надлежните, акцијата започнала околу 1 часот по полноќ и била исклучително сложена поради тежок терен и временски услови. Истрагата ќе треба да утврди дали мигрантите имале помош при преминувањето на границата и како точно се нашле во реката.