Главниот двигател на таа стратегија е компанијата Humain, основана од државниот инвестициски фонд вреден речиси еден билион долари, која гради интегриран екосистем од дата-центри, облачни услуги и големи јазични модели.
Проектот Humain го претстави престолонаследникот Мохамед бин Салман во мај, а на последниот инвестициски форум во Ријад беа откриени неговите финансиски и технолошки размери. Извршниот директор Тарек Амин истакна дека целта е Саудиска Арабија да стане трето по големина AI-пазариште во светот.
„Имаме природна предност,“ изјави Амин за CNN. „Енергетската инфраструктура овде е толку развиена што не мораме да градиме нови трафостаници за дата-центрите – тоа ни заштедува 18 месеци време.“
До 2034 година, Humain планира да изгради дата-центри со вкупен капацитет од шест гигавати, во соработка со Nvidia, AMD, Amazon Web Services, Qualcomm и Cisco.
Минатата недела, компанијата потпиша договор вреден 3 милијарди долари со инвестициската група Blackstone за изградба на нови центри ширум Кралството.
Покрај тоа, Humain го претстави Humain One, оперативен систем управуван со вештачка интелигенција, каде што корисниците комуницираат со уредите преку глас или текст, наместо со кликање на икони. Внатрешно, компанијата веќе користи AI за повеќето административни процеси – од човечки ресурси и финансии, до правни и ИТ-услуги.
Овој технолошки напредок доаѓа во период кога Кралството влегува во завршната фаза на планот „Визија 2030“, насочен кон диверзификација на економијата. Со пад на цените на нафтата и доцнење на мегапроектите како Неом, AI стана клучен двигател за нов раст.
Во меѓувреме, Саудиска Арабија се соочува со силна конкуренција од Обединетите Арапски Емирати, каде компанијата G42 веќе гради проект вреден 500 милијарди долари – Stargate UAE, во партнерство со OpenAI, Oracle, Nvidia и Cisco.
„Добро е што знаењето не е централизирано,“ рече Амин. „Она што се случува во Емиратите е позитивно, но она што го правиме во Саудиска Арабија е уникатно – Humain не е холдинг, туку оперативна компанија која создава вистински производи.“
Извор: Index.hr