Зоран Кесиќ, едно од најпрепознатливите лица на регионалната сатира и автор на култната емисија „24 минута“, во ексклузивно интервју за Трн зборува за тоа како настануваат неговите „Приказни и песни“, зошто верува дека смеењето е форма на отпор и како хуморот станува опасен кога премногу ја погодува суштината. Во искрен разговор, Кесиќ зборува за односот со публиката, политичарите, стравовите, надежта — и за тоа зошто Скопје за него отсекогаш било место на кое се чувствува „како свој на своето“.
Трн: Како настана идејата за „Приказни и песни“ и колку публиката влијае врз текот на претставата, кога велиш дека секој настап е единствен? Дали вистинската причина што доаѓаш во Скопје е — добрата храна и виното?
Кесиќ: Тешко е да се дефинира она со што се занимавам на телевизија — тоа е и новинарство, и политичка анализа и критика, и сатира, и шоу-програма. Слично е и со мојата приредба „Приказни и песни“. Секоја од тие приредби навистина е единствена, затоа што никогаш не сум изведол две сосема исти. Отфрлам делови што ми здосадиле, пишувам нови што се актуелни, а зависно од местото на изведба ја „бојам“ приредбата со сараевски, белградски, загрепски, виенски или во случајот на Македонија скопски зачин. Колку публиката е расположена и погласна, толку сум и јас поубедлив, така што таа многу влијае на настапот.
Што се однесува до хедонистичките, гурманските и музичките уживања во Македонија и Скопје, тие ми се одамна познати, уште од детството, така што многу радо доаѓам. Буквално се чувствувам тука како свој на своето.

Трн: Ако мораш да направиш „цензура на сопствените мисли“ пред настап, што би било прво што ќе го избрешеш?
Мојата сопруга често им раскажува на нашите пријатели дека понекогаш мисли дека не сум нормален колку сум лишен од трема. Немам што да избришам од главата, освен тоа нетрпение да одам на сцена. Иако, ни тоа не е сосема точно. Ми се допаѓа тоа чувство на нетрпение, затоа што моментот кога ја раздвижувам завесата и се соочувам со публиката е навистина непроценлив. Тоа се каде и да настапувам, луѓе со кои не се познавам, но истовремено и луѓе со кои одлично се познавам. Дошле затоа што, претпоставувам, делиме исти или слични ставови кон животот, општеството, политиката, национализмот, глупоста, лагата, доброто и злото… Така да речам — „наши сме“, и нормално е што едвај чекам да ги видам моите. Во тој смисол, може да се каже дека имам доста роднини низ цела Југославија.
Трн: Мислиш ли дека „24 минута“ повеќе ги тера луѓето да се смеат — или да размислуваат?
Дали денешната публика сака да мисли додека се смее, или сака да заборави дека има за што да мисли?
Кесиќ: Последната година се плашам дека нашата емисија често ги тера луѓето и да плачат.
„24 минута“ е огледало на општеството во кое живееме. Пред десет-единаесет години, кога поделбите, омразата и таргетирањето не беа ни блиску до денешното ниво, емисијата беше многу побенигна, веројатно и посмешна… во секој случај полесна за желудник.
Никогаш не сум сакал да бидам „сериозен“ — освен ако сериозно не значи професионално верен на сопствениот стил во кој хуморот е неизбежен. Но околностите во кои живееме ме приморуваат да се уозбилам. Гледачите велат дека ги сакаат тие моменти, а јас копнеам по прилика повторно да бидам кловн.
Смеење само ради смеење — дали некогаш повторно ќе можеме така да се смееме? Верувам дека ќе можеме.
Публиката сака да слушне дека некој ги дели нивните грижи, нервози, дека некој ја забележал истата измама, лага или подметнување што и тие го забележале. Ние сме гласот на обичниот човек. Затоа, ми се чини, и сме сакани.
Tрн: Имаш ли впечаток дека публиката очекува од тебе да кажеш нешто што тие не смеат?
И ако е така — дали значи дека ти си јавниот сервис кој им недостасува?
Кесиќ: Токму тоа е она за што малку претходно зборувавме. Не верувам дека нашата публика „не смее да го каже“ она што ние го кажуваме. Сигурен сум дека се многу гласни и дека и ним им е преку глава да живеат во лага и страв. Ние само го имаме моќниот мегафон наречен телевизија. Убеден сум дека во емисијата зборуваме тоа што мнозинството луѓе во Србија го мисли. Го кажуваме она што го гледаме. Ја кажуваме вистината.
Трн: Кога шегата станува опасна? Дали тоа се случува кога е премногу точна, или кога ја кажуваш во погрешна држава? Кој момент од емисијата ти останал како „ова можеше да биде последната шега во мојата кариера“?
Кесиќ: Јас таквите шеги ги нарекувам „ова не ти требало“-шеги. Ако ви покажам што ми пишуваат некои гледачи веќе 12 години — ќе видите многу слични пораки:
„Многу те сакав, ама ова не ти требаше“.
А тоа што „не ми требало“ може да биде сè: вакцини, педери, Путин, геноцид, Израел, Газа, четници, корона, Црква, Хрвати, Косово или Божо Вречо.
Еднаш одамна, во емисија што ја правев пред сегашнава, малку се шегував со вегетаријанците. Снимивме скеч во кој вегетаријанец јаде мешана салата, а потоа гледаме домат што плаче, зелка што ја боли, краставица која жали за својот син… стигна мејл од некое вегетаријанско здружение и бараа јавно извинување за навреда.
Значи, не постои шега што е сосема безбедна но тоа никогаш не нè спречило. Напротив, лично сакам кога она што ќе го кажам ќе ги „убоде“ оние што треба да ги убоде. Каква би била сатиричната острица ако малку не боцне?
Трн: Каде ќе заврши големата „прошетка“ на Србите? И ќе има ли таму скара? Кој ќе го исчисти паркот после сето тоа?
Кесиќ: Ако под „прошетка“ мислите на протестите на студентите и граѓаните не знам каде ќе заврши, но знам што ќе биде почеток. Многумина ме прашуваат „дали доаѓа крајот“, а јас можам да зборувам само за почетокот.
Да, се приближува почетокот!
Почеток на изградба на поправедна и посреќна држава. Почеток на оздравување на општеството, враќање на вистината, искреноста, емпатијата, солидарноста.
Враќање на насмевката и надежта.
Сите овие убави работи се ноќна мора за оние огрезени во корупција, криминал и непотизам. Но таков е животот — за некого почеток на оздравување, за некого почеток на одслужење.
Трн: Мислиш ли дека политичарите ја гледаат твојата емисија за да научат нешто или само да видат дали си ги спомнал?
Кесиќ: Не знам дали нè гледаат политичарите, а и искрено не ми е важно. Меѓу „главните јунаци“ на нашите емисии има толку патолошки лажговци што, дури и ако гледаат, не верувам дека она што го изнесуваме ги засега премногу.
Што му значи на лажго да му кажеш „еј, знам дека лажеш“? Па тој знае дека е лажго.
Мене ми е фасцинантно колку некои луѓе се спремни длабоко да одат во измамата на целото општество. Родителите би се откажале од мене (или барем би ме лишиле од неделниот ручек кај мама) ако ме видат на телевизија како лажго, полтрон или „ќачија“.
Можно е политичката гарнитура што е на власт едноставно да не е убаво воспитана.
Трн: Дали си добил порака од политичар по емисија со насмевка или со закана?
И ако би водел „24 минута“ во парламентот — како би им давал збор: по ред или по степен на апсурд?
Кесиќ: Порака со закана апсолутно никогаш. Од самиот почеток на емисијата ставивме до знаење дека, доколку би постоеле какви било непристојни пораки од политичари, јавноста веднаш би дознала. Тоа го знаат и тие, па не се впуштаат во такви глупости.
Со симпатии ми пишале некои помалку познати политичари и секогаш љубезно им се заблагодарувам, како и на секој гледач.
Што се однесува до „24 минута“ во парламентот, мислам дека таму не ни е место. Ниту политичарите во нашето студио, ниту ние во парламентот.
Но интересен е податокот дека во моите речиси 50 години, само еднаш сум влегол во Собранието на Србија. И ништо не видов од чад и солзавец но камерата виде. Тоа беше на 5 октомври 2000 година, кога по украдени избори се изборивме за правда.
Верувам дека сегашната власт не би сакала да влезам таму и вторпат. А да ви кажам право баш ми се влегува овие денови.
За сите ваши читатели што сакаат да го видат младиот мене во Собранието ги упатувам на мојот видеоклип „Мој пети октобар“.
Трн: Кога последен пат нешто те изненади во Србија искрено, не како материјал за емисија, туку како човек? Има ли нешто што те натера да кажеш: „Ова е премногу дури и за нас“?
Кесиќ: Последен пат ме изненади за промена нешто убаво. А тоа е младоста на нашата земја. Таа млада сила која ја претставува иднината стана против сето она што е веќе минато, само што чека да биде официјално прогласено.
Кога гледате илјадници и илјадници млади како маршираат — тоа е како жива манифестација на надеж.
Ги гледате и солзите сами течат. Тие се како војска имуна на муницијата на злосторниците од нив се одбиваат сите спинови, манипулации и подметнувања. Со насмевка ја кршат лагата, со свежина ја убиваат трулежта.
Ги гледате со носталгија затоа што некогаш и сам сте бил тој клинец.
А ги гледате и со благодарност затоа што нема поголема желба од таа вашите деца еден ден да сакаат да останат во својата земја.
Постарите клинци се борат и за себе и за малку помладите. Убеден сум дека оваа борба ќе донесе добро и за сите нас во соседството. Да се засакаме повторно па макар и инаетливо, токму на тие што им одговара да се мразиме.
Трн: Куса порака за оние што ќе дојдат да те гледаат во Скопје.
Кесиќ: Пораката е куса — украдена од Влатко:
„Насмевни се, не бери гајле, намигни ми – ајде наздравје, Скопје!“
