Сателитски снимки откриваат штета во нуклеарниот комплекс Натанз

Нови фотографии од последните 48 часа укажуваат на оштетувања во иранскиот центар за збогатување ураниум, спротивно на изјавите на шефот на ИАЕА.
Tanjug/AP/Satellite image/Vantor

Сателитски фотографии направени во последните 48 часа покажуваат значителна штета на нуклеарниот објект во Натанз – најголемиот ирански центар за збогатување ураниум и една од најчувствителните воени локации во земјата. Ова произлегува од анализа на снимките спроведена од CNN.

Снимките, обезбедени од компанијата за просторна разузнавачка дејност „Вантор“, прикажуваат погодено големо складиште, како и две помали двокатни згради што служеле како пристапни точки за работници и возила кон подземните објекти.

Овие визуелни докази се во спротивност со претходните изјави на генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА), Рафаел Гроси, кој изјави дека „нема индикации“ дека иранските нуклеарни постројки биле оштетени.

„Немаме никакви индиции дека било кое од нуклеарните постројки е оштетено или погодено“, изјави Гроси, додавајќи дека ИАЕА продолжува со обидите да воспостави контакт со иранскиот нуклеарен регулатор преку Центарот за инциденти и вонредни состојби на агенцијата.

Иако според анализата штетата изгледа релативно ограничена, таа е помала во споредба со двата американски напади врз истата локација во јуни минатата година, кога биле користени бомби за уништување бункери и крстосувачки ракети.

Во меѓувреме, иранскиот амбасадор при ИАЕА, Реза Наџафи, изјави дека за време на американско-израелските воени операции против Иран бил погоден големиот нуклеарен комплекс во Натанз.

„Вчера повторно беа нападнати ирански мирнодопски нуклеарни постројки што се под меѓународен надзор“, изјави Наџафи пред новинарите на седница на Управниот одбор на ИАЕА, кој брои 35 земји-членки.

Случувањата околу Натанз дополнително ги продлабочуваат тензиите околу иранската нуклеарна програма и отвораат прашања за степенот на штетата и можните последици по регионалната безбедност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни