Сашо Пуљаревиќ на преведувачка резиденција во Скопје

Во текот на својот резиденцијален престој, Сашо Пуљаревиќ ќе работи на преводот на словенечки јазик на романот „Лето во кое те нема“ од Петар Андоновски

Во рамки на резиденцијалната програма на издавачката куќа „Готен“, поддржана од европската мрежа за превод и книги „Традуки“, на преведувачка резиденција во Скопје во мај престојува преведувачот од Словенија, Сашо Пуљаревиќ. 

Во текот на својот резиденцијален престој, Сашо Пуљаревиќ ќе работи на преводот на словенечки јазик на романот „Лето во кое те нема“ од Петар Андоновски. Истовремено, Пуљаревиќ ќе има можност одблиску да се запознае со тековната книжевна продукција во Македонија, како и да се запознае писатели и уредници на издавачки куќи.

Сашо Пуљаревиќ (Љубљана, 1995) е преведувач и книжевен критичар. На Филозофскиот факултет во Љубљана завршил постдипломски студии по компаративна книжевност и јужнословенски студии. Пред сè се интересира за постјугословенскиот роман во контекст на односите помеѓу книжевноста, историографијата и сеќавањето. Во 2022 година бил дел од проектот „Младо перо“ и ја добил истоимената награда за млад книжевен критичар што ја доделува весникот „Дело“. Пишува книжевни критики за весникот „Дело“, за книжевното списание „Литература“ и за национално радио „АРС“. Освен од македонски јазик, преведува и од српски, хрватски, црногорски и босански јазик. Меѓу другите дела, ги има преведено романот „Министер“ на црногорскиот писател Стефан Бошковиќ и драмата „Ролеркостер“ на српската драматичарка Јелена Кајго. Македонскиот јазик го усовршувал на Зимската и Летната школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ.

Резиденцијалниот престој на Сашо Пуљаревиќ е поддржан од европската мрежа за превод и книги „Традуки“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни