Сара Миленковска е истражувачка за родови прашања, соосновачка на Мрежа Стела и дел од Коалиција Маргини, која со години работи на подобрување на правата на жените и маргинализираните заедници во Македонија. Во разговорот за Трн, таа зборува за предизвиците со кои се соочуваат жените, за значењето на колективната грижа, за системската природа на родово базираното насилство и за тоа како активизмот и политичкото организирање можат да донесат вистински промени.
Во Македонија, животот на жените не е само прашање на права, туку прашање на опстанок. Секоја година се поставува истото прашање: дали жените ќе преживеат – на улица, на работа, во болница, во секојдневните ситуации кои за другите се „нормални“? Жените и девојките не се заштитени, а системот често ги игнорира нивните потреби. Како што истакнува Сара, најголемиот неуспех на системот не е во недостаток на закони, туку во недостиг на храброст да се прекине патријархалната логика која го одржува насилството. Борбата за родова еднаквост, вели таа, не е само „женско“ прашање – тоа е политичко прашање, прашање за слобода, емпатија и солидарност, и услов за опстанок на секоја жена во Македонија.
Tрн: Сара, активна си со години во делот на права на жените и генерално со првата на маргинализирани заедници. Колку оваа битка те исполнува и те исцрпува во исто време?
Сара: Битката за подобро утре ми покажува дека немаме привилегија да не се бориме, заеднички и истрајно. Но, ферски е да се каже дека многу често сите губиме сила.
За време на студиите најдов малку посоодветни термини, да не речам имиња на пракси кои веќе ги практикував како концептот на колективна грижа, mutual aid и заедничарење, и сфатив дека кога ќе снемаме сила сите се враќаме кон својата заедница, ги делегираме борбите и го споделуваме трудот и ресурсите што колку-толку ги имаме. Во превод, не постои поголем пркос да се прикаже дека секоја борба мора да биде колективна, така се противиме на неолибералната идеја и индивидуализмот дека секој може сѐ сам/а, па дури и да го спаси светот. Напротив, само преку заедничкиот пристап си даваме смисла, сила и истрајност. Не секогаш целосно успевам, мислам дека овие години ударите по луѓето како мене сѐ повеќе се зголемуваат и многу е човечки да се чувствуваме обесхрабрени, токму затоа и се трудам во иднина да се борам малку постратешки и наменски, отколку на сите бојни полиња. Она што ме исполнува најмногу се луѓето со кои ја делам оваа борба.
Tрн: Колку активизмот во земјава може да покрене промени?
Сара: Кога активизмот се пренасочува во политичко организирање и мобилизирање, тогаш се случуваат промените. Активизмот сам по себе, на краток рок прави промени кои треба да се дел од системската промена. Не секогаш го имаме знаењето и ресурсите да може и да ги правиме двете работи наеднаш, но затоа се имаме едни со други да ја споделиме борбата и да бараме повеќе и од себе и од општеството. Изминатава година дечките и девојките од Кој е следен, 400 волонтери на Support Kochani, девојки како Теодора Милеска што на светско ниво прават ршум, само ни покажуваат дека сите наши борби се поврзани – секој треба да се залага на свој начин да придонесе до системска промена, и мора да се поддржуваме во тоа, да споделуваме искуства и да се чуваме. Сите константно учиме, најмногу од она што го сметаме за неуспешна промена, ама ако нешто ме научи искуството, па ваљда и неуспехот е дека мора да имаме трпение и да разбереме дека револуцијата се случува секој ден. Со секое наше утро правиме нов избор да продолжиме да се бориме, да бидеме тука едни за други и си дадеме оддишка.
Тоа што некогаш нечии удари не тераат да мислиме дека активизмот, политичкото организирање и дејствување не се успешни е најголемата лага што може да дозволиме да ни влезе во мислите од структурите на моќ. На 8 Март споделив со останатите дека овој систем се плаши од силни жени, ама ако нешто дополнително научив годинава е тоа дека овој систем се плаши од сплотеност и солидарност и дека си ја разбираме болката што ја носиме, сѐ додека не се откажуваме од борбата. Нема ништо пострашно за луѓето желни за моќ и полни со омраза од луѓе коишто ги води емпатијата.
Tрн: Бројот на фемициди расте или барем не се намалува што е еднакво лошо. Колку жени денес живеат во насилство затоа што институциите „постапиле според процедура“, но не и според реалната опасност?
Сара: Иако нема нешто пообесхрабрувачко од она што го гледам како истражувачка – кога нудиш статистика, работиш на креирање на политики, препораки, добри примери и сѐ по ред, но се соочуваш со институции кои не само што не ги интересираат научно истражени работи до степен до кој ниту ја регистрираат бројката на фемициди туку ги извитоперуваат податоците – само покажува кој е односот на една држава кон жените. И тешко е да се зборува за сите жени истовремено бидејќи секоја од нас носи своја приказна, тежина, преживеано насилство, класен статус, сексуалност, родов идентитет, етникум, но сите не обединува една работа – секоја од нас може да биде следна жртва на овој систем и на насилниците заштитени од државата. За секој случај на родово базирано насилство, дигитално насилство, политичко насилство одговорност имаат и медиумите и самите граѓани, но најмногу оние институции кои тврдат дека се тука да превенираат и да нѐ заштитат од насилство. Само видете го случајот со Росица – која беше најголемата казна за некој кој бил пријавуван со години наназад – а што беше резлутатот – само неколку дисциплински за полицијата, како да неколку казни решаваат систем изграден на насилство, активно игнорирање на жените и дури и самата полиција многу често ја гледаме како и самиот насилник.
Tрн: Дали сме општество што се шокира од фемицид, но брзо заборава и продолжува како ништо да не се случило?
Сара: Сакам да верувам дека сме општество кое знае да го направи следниот чекор што доаѓа после шокот, а тоа е да го насочи својот гнев кон политичко организирање, кон едукација, кон солидарност и да разбере дека тоа што се случува некоја трагедија скоро секоја недела, како фемицидите, не значи дека треба да дозволиме овие насилни и системски овозможени инциденти да се нормализираат. Нашиот гнев е секогаш оправдан и треба да нѐ бутка да бараме одговорност и да не се откажеме додека не ја видиме. Но, за жал во реалноста работите се поинакви – секој обид за пркос се карактеризира како негативна критика (како божем тоа да е лошо), односно негативната критика се чита како злонамерна, а не како конструктивен крик за стопирање на насилството во систем кој силува, убива и угнетува.
Tрн: Дали жените во Македонија се заштитени од насилство — или од нив се очекува сами да преживеат систем кој не ги гледа?
Сара: Секоја година се прашуваме дали ќе преживеат жените во Македонија? Дали некоја жена ќе го преживее воздухот, пораѓањето во болница, преминувањето на улица, темините улици, безбедноста на работа, платата, достоинството итн. Жените и девојките во Македонија, ниту се заштитетни од насилство, ниту овој систем ги препознава. Многу често, во обидот на креирање на подобри стратегии за тоа како да се адресираат повеќеслојно и интерсекциски проблемите со родовата нееднаквост и родово базираното насилство зборуваме како овој проблем е политичко прашање, а не само женско прашање, и така треба да го адресираме.
Tрн: Дали може да зборуваме за „нулта толеранција“ кон насилството, кога сторителите често се казнуваат со условни казни или минимални санкции?
Сара: Не можеме да зборуваме за „нулта толеранција“ кон насилството кога институционалната пракса систематски резултира со условни или минимални казни, особено во случаи на сексуално и родово базирано насилство врз деца. На пример, случајот со малолетната девојка од Велес покажува како насилството не се третира како континуум, туку како изолиран инцидент, и покрај тоа што се работи за организирана сексуална експлоатација, уцена (сексторција), дигитално насилство и трговија со дете. Наместо системска заштита, институциите реагираат ретроактивно и казнено, при што тежината на кривичните дела не се рефлектира во висината на санкциите. Кога дел од сторителите добиваат условни осуди, се испраќа порака дека телесниот и психолошкиот интегритет на девојчињата е преговарачка категорија. Ама некако по пресудата, како сите да заборавија на ова, па дури и еден од осудените објави книга за тоа како се бори со препреките од „неправдата“ (неправдата во овој случај е тоа што е осуден за силување на малолетно девојче).
Плус, медиумските и правните наративи често го деполитизираат насилството, фокусирајќи се на процедурата наместо на структурните услови што го овозможуваат – култура на неказнивост, нормализирана сексуализација на малолетнички. За преживеаните, правдата не се мери само со пресуда, туку со чувство на безбедност, признавање на штетата и гаранција дека насилството нема да се повтори. Во таков контекст, „нулта толеранција“ останува декларативен концепт, а не реална институционална пракса.
Tрн: Колку е опасна јавната реторика што го релативизира насилството со фрази како „семејна расправија“, „љубомора“ или „емоционален конфликт“ и кој сè уште има корист од тоа насилството врз жени да се третира како приватен, а не како сериозен општествен и безбедносен проблем?
Сара: Насилството секогаш е јавен и политички проблем. Понекогаш си мислам дека е толку апсурдно дека се уште се објаснуваме за толку базични работи како фактот ако насилството се случува во домот – не го прави приватно. Колку што тука потфрла формалниот образовен систем кој со амин на Министерката за образование брише правилници за заштита од родово базирано насилство во училиштата, толку играат улога и самите медиуми. Се напишаа безброј речници, правилници и прирачници за родово сензитивно известување и за насилство, за заштита од родови дезинформации, за родови идентитети, но некако како да не сакаат луѓето да читаат. Секој збор носи одговорност, па така кога уредниците ќе донесат одлука да сензационализираат за кликови, тие носат одлука да обесхрабрат некоја жртва да пријави насилство бидејќи гледа како тоа ќе бие прикажано во медиумите.
Tрн: Во изминатите 15 години, што е најголемиот неуспех на системот во справувањето со насилството врз жени?
Сара: Во изминатите 15 години, најголемиот неуспех на системот не е недостатокот на закони, туку недостигот од храброст да се прекине со патријархалната логика што го произведува насилството. Секоја нова жртва не е „трагичен случај“, туку предвидлив исход на систем кој зборува за еднаквост, но активно го штити статус квото на надмоќ, контрола и неказнивост.
Постојано ја повторуваме мантрата за еднакви можности, но ретко зборуваме за слобода — слобода од родовите улоги, од нормализираната контрола врз женските тела, од очекувањето тишина и трпение. Системот одбива да се соочи со сопствената улога: образовни политики што ја репродуцираат нееднаквоста, медиуми што ја сензационализираат болката, институции што реагираат дури откако штетата е неповратна, и буџети што не ја следат реалноста на насилството.
Најголемиот неуспех е што насилството сѐ уште се третира како инцидент, а не како структурен проблем. Додека не се признае дека насилството е политичко прашање — вградено во начинот на кој образуваме, судиме, известуваме и распределуваме моќ — ќе продолжиме да бројиме жртви наместо да градиме слобода.
Tрн: Колку чини животот на една жена во Македонија, ако судиме според буџетите што се издвојуваат за превенција и заштита?
Сара: Не постои „ценовник“ за животот на една жена, но нашите буџети во Македонија се однесуваат како да постои – и како да е на попуст. Но можеби кога ќе направиме, тогаш и политичарите ќе се заинтересираат, за да може да ги продаваат своите површни инвестиции како инвестиција во нашиот живот. Во меѓувреме државата и понатаму троши повеќе на кривични постапки отколку на тоа жените воопшто да не стигнат до судница. Превенцијата е про форма, засолнувачките услуги се нерамномерни, а психолошката и економската поддршка луксуз што жртвите сами си го плаќаат со години страв и замор.
GREVIO предупредува дека институциите немаат заеднички стандарди ниту доволно специјализирани центри; системот гледа на насилството со тунелска визија, без да ги види слоевите што ја обликуваат ранливоста: класа, попреченост, етничка маргина, квир идентитет, рурална изолираност. Родовата нееднаквост не оди сама по улица, со неа чекорат сиромаштијата, стигмата и политичката глувост. Видете ги приоритетите на новата стратегија за демографија со која се брише каква било еманципација и право на избор.
А родово одговорното буџетирање останува само како фенси проект на меѓународните организации додека сите општински буџети кои имаат должност да трошат пари за родови прашања гласаат да не се става ни на дневен ред опремувањето на училиштата со менструални производи. Кога државата реагира дури по непоправлива штета станува очигледно дека животот на една жена е бескрајно скап, но институционалниот одговор е евтин – а таа разлика ја плаќаме сите ние, со нашата колективна иднина.
Tрн: Кампањата „16 дена активизам“ се повторува секоја година. Што се случува со темата насилство врз жени во преостанатите 349 дена?
Сара: Токму оваа година си реков дека мора да се напише текст за сè што континуирано се прави погрешно во текот на оваа кампања. Нешто што е длабоко политичко и животно значајно се сведува на површни фејсбук-објави, со стерилен и деполитизиран јазик што не е survivor-centered, туку е безбеден за институциите. Кампањата често се претвора во тивка конкуренција меѓу меѓународните организации, со минимална координација со граѓанските организации – оние што се на фронот секој ден, во солидарност со жените кои го живеат насилството.
Маркетинг агенциите мора да разберат: женската борба не е графички приказ на истепана жена и број на СОС линија. Насилството не е естетика, туку политичко и јавно прашање. Само неколку недели пред „16 дена активизам“, имаше протести за фемицидот на Росица и убиството на нејзиниот татко – протести што ги организиравме како неформална коалиција на активист(к)и и организации. Тој фемицид, како и многу други пред него, воопшто не беше спомнат во кампањите. Пораката „НИТУ ЕДНА ПОВЕЌЕ“ остана само во нашите гласови, не и во официјалните наративи.
Затоа за нас, и особено за мене, и лично и професионално, насилството не е тема од 16 дена. Тоа е борба што ја водиме сите преостанати 349 дена, преку Стела, преку Маргини и преку секој чин на колективна грижа и отпор.
Tрн: И конечно — што е минимумот што државата мора да го направи веднаш, ако навистина сака да спаси животи, а не само да дава изјави?
Сара: Ако државата навистина сака да спаси животи, а не само да произведува изјави, минимумот е јасен и итен: пари, моќ и грижа да одат таму каде што се жените. Тоа значи стабилно финансирање за превенција, засолништа, психосоцијална и економска поддршка не како проект, туку како инфраструктура на грижа. Безбедноста не смее да зависи од адреса, идентитет или статус, а неказнивоста мора да престане со реални, а не симболични санкции. И пред сѐ, државата мора да престане да зборува за преживеаните и да почне да работи со нив и со феминистичките организации. Колективната грижа не е идеологија – таа е услов за опстанок.
