Шпанскиот премиер Педро Санчес остро ја критикуваше американската политика кон Иран, предупредувајќи дека ескалацијата на конфликтот може да доведе до глобални последици.
Изјавата доаѓа откако Шпанија одби да им дозволи на САД да ги користат заедничките воени бази на нејзина територија за напади врз Иран, што предизвика силна реакција од американскиот претседател Доналд Трамп, кој се закани со прекин на трговските односи со Мадрид.
„Не смеете да играте руски рулет со животите на милиони луѓе. Вака почнуваат големите катастрофи на човештвото“, порача Санчес, нагласувајќи дека позицијата на Шпанија останува јасна и доследна.
„Не на војна“
Според Санчес, шпанската влада се противи на идејата дека глобалните проблеми може да се решаваат со воени интервенции.
„Шпанија се противи на кршењето на меѓународното право кое нѐ штити сите и не верува дека светот може да ги реши своите проблеми преку конфликти и бомби. Ние се противиме на повторување на грешките од минатото. Нашата позиција е едноставна: не на војна“, изјави шпанскиот премиер.
Тензии меѓу Мадрид и Вашингтон
Односите меѓу Шпанија и САД дополнително се влошија откако Трамп ја критикуваше Шпанија поради одбивањето да ги зголеми трошоците за одбрана на 5% од БДП, како што побара од членките на НАТО.
Санчес предупреди дека неговата влада нема да се приклучи на политики што можат да доведат до поголем конфликт.
„Нема да бидеме соучесници во нешто што е лошо за светот и спротивно на нашите вредности и интереси само за да избегнеме нечија одмазда“, изјави тој, алудирајќи на трговските закани од Вашингтон.
Поуки од Ирак
Шпанскиот премиер потсети и на последиците од војната во Ирак, посочувајќи дека воените интервенции често создаваат долгорочна нестабилност.
Според него, конфликтите од ваков тип можат да доведат до раст на екстремизмот, економска нестабилност и пораст на цените на енергенсите, а последиците од евентуален напад врз Иран се уште се непредвидливи.
„Не веруваме дека ова ќе доведе до поправеден меѓународен поредок“, заклучи Санчес.