Самрак и во германските автомобилски градови

Од автомобилската индустрија доаѓаат лоши вести а општини каде што се наоѓаат брзо го чувствуваат тоа во „касите“, посочуваГајслер

Проблемите на германската автомобилска индустрија ги погодуваат и градовите во кои е нејзиното седиште – бидејќи се соочуваат со драстичен пад на даночните приходи.

Според најновото издание на „Општинскиот финансиски извештај“ на Фондацијата Бертелсман, градовите како Минхен (BMW), Штутгарт (Mercedes, Porsche), Волфсбург (Folkswagen) и Инголштат (Audi), во 2024 година, останаа меѓу градовите со највисоки приходи во Германија.

Но, тоа би можело брзо да се промени, вели еден од авторите на истражувањето, Рене Гајслер од Техничкиот универзитет во Вилдау.

„Во моментов од автомобилската индустрија доаѓаат само лоши вести. И сите општини каде што се наоѓаат нивните фабрики многу брзо го чувствуваат тоа во своите каси“, влеи Гајслер.

Штутгарт – 800 милиони помалку

Дури и екстремно богатиот Штутгарт е погоден. Не е ни чудо: регионот е дом не само на Мерцедес и Порше, туку и на компании кои се многу зависни од автомобилската индустрија, како што се Бош и Мале.

Во рекордната 2023 година, во касата на Штутгарт пристигнаа повеќе од 1,6 милијарди евра од данок на добивка. За 2025 година, градот сега смета на речиси двојно поголем приход од 850 милиони.

„Бидејќи Штутгарт особено профитираше од автомобилската индустрија и нејзините партнери во економски силните години, сега падот на сообраќајот и извозот директно се одразува на финансиите на градот“, се вели во соопштението на градската администрација.

А ова значи дека главниот град на германската сојузна покраина Баден-Виртемберг мора да го стегне ременот: иако Штутгарт веќе воведе некои мерки за штедење, во двогодишниот буџет за 2026/27 година сè уште недостасуваат речиси 800 милиони евра. Според градоначалникот Франк Кнопер (CDU), тој буџет е „контролирано, но многу забележливо забавување за сите“.

Вајцах: од 65 милиони на 3 милиони

Релативно малата општина Вајцах во близина на Штутгарт, каде што се наоѓа развојниот центар на Порше, беше погодена уште потешко: за 2025 година, градските челници првично сметаа на 65 милиони евра приходи од данок на добивка, но прогнозата неодамна мораше драстично да се намали – на само три милиони.

Синделфинген, тесно поврзан со Мерцедес, смета дека приходите ќе бидат помали за една четвртина и дека само 148 милиони евра ќе им дојдат.

Волфсбург ќе мора да се задолжува

А во Волфсбург, практично градот на Фолксваген, златните времиња поминаа. „Данокот на добивка на претпријатијата е и останува главен извор на приход за градот, па економските падови во концернот Фолксваген и добавувачите имаат значителни последици за буџетот“, рече портпаролот на градот.

Во текот на 2024 година, приходите од тој данок веќе се намалија за 40 проценти, на 151 милион евра, а во 2025 година се очекува уште помалку. Градот воведе мерки за заштеда за 2025 и 2026 година: потребно е да се заштедат најмалку пет милиони евра, главно на материјални трошоци и вработени.

До 2014 година, Волфсбург можеше да очекува дарежливи приходи, беше без долгови и создаваше резерви за потешки времиња. Но, во 2015 година избувна скандал околу фалсификуваните еколошки вредности на дизел моторите на Фолксваген, па дури и тогаш профитот на концернот – и износите што ги плаќаше на градот – пресушија. Во меѓувреме, заштедите од „златните времиња“ се потрошени, а до 2029 година градот ќе мора да позајми околу 455 милиони евра.

Инголштат – драматична ситуација

Градот Ауди, една од филијалите на Фолксваген, се соочува со слични проблеми: во Инголштат, приходите од данокот на добивка на претпријатија драстично опаѓаат. Во текот на 2023 година, тие изнесуваа уште 191,5 милиони евра. За тековната година, градот првично сметаше на 70 милиони, но сега очекува само 55 милиони.

Градоначалникот Михаел Керн (CSU) неодамна зборуваше за „драматична, исклучително тешка и историски тешка ситуација“. За 2026 година, градот сега предвидува дефицит од 60 до 80 милиони евра. И покрај мерките за штедење, градскиот буџет не успеа да се врати ниту на нула.

Минхен не е само БМВ

Седиштето на БМВ, Минхен, исто така трпи пад на приходите од корпоративен данок: оваа година тие ќе бидат околу 159 милиони евра помалку од планираното. Иако ова е голема сума, не е особено голема за Минхен: дури и по намалувањето, градот сè уште остварува 3,6 милијарди евра приходи.

Бидејќи Минхен во Баварија има многу поширока економска основа од другите автомобилски градови: тука се седиштето на многу други големи и богати компании како што се Сименс, Алијанц или Минхен Ре.

Риселсхајм тоне сè подлабоко и подлабоко

Риселсхајм на Мајна, во покраината Хесен, тоне сè подлабоко. По агонијата на поранешниот симбол на градот – Опел, кој на крајот заврши во концернот Стеланитис – таа фабрика за автомобили сега е само сенка од поранешниот гигант: наместо повеќе од 30.000 луѓе, денес таму работат само околу 8.300 вработени.

Поради големиот пад на приходите од данокот на добивка, во градскиот буџет оваа година има голема дупка од 85 милиони евра. Долговите брзо растат, па затоа нема пари за важни проекти – како што е реставрацијата на театарот.

Тие се во криза, но сепак имаат резерви

Кризата ја чувствува и Цвикау на истокот од Германија, во Саксонија, каде што е центарот за производство на електрични автомобили на Фолксваген: оваа година брои 55 милиони евра приходи, што е за околу 20 милиони помалку отколку во 2023 година. Колку од ова доаѓа од Фолксваген, градот не сака да открие, повикувајќи се на даночна тајност. Сепак, портпаролката изјави: „Поради големата зависност од автомобилската индустрија, финансиите на градот се тесно поврзани со деловниот успех на тој сектор“.

Сепак, Цвикау – слично како и Волфсбург некогаш – барем остави нешто настрана: „Засега, ликвидноста на градот сè уште може да се обезбеди со постојните средства што доаѓаат од позитивните буџетски резултати од претходните години“.

Во споредба со другите градови, автомобилските центри веројатно ќе продолжат да бидат релативно добро позиционирани, вели еден од авторите на студијата, Гајслер. „Кризата во градскиот буџет е секогаш донекаде субјективна.“ Многу општини во Германија би биле многу задоволни од овој „лош“ приход на Инголштат или Волфсбург.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни