Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) изминатите денови извршил 50 котроли во угостителски објекти – кабаре, ноќен клуб, диско клуб и диско клуб на отворен простор, по што утврдил дека 22 имале лиценци, а на 15 им биле истечени. Исто така биле откриени и угостителски објекти за кои воопшто немало податоци дека поседувале лиценца.
Бидејќи угостителските објекти не работат поради деновите на жалост, ДПИ документите ги обезбедиле потребните документи преку контакти со одговорните лица.
Од 13 објекти во Скопје, само два имале лиценци со важност за кабаре, а како што кажа портпаролката на Владата, Марија Митева на осум им биле истечени, а три воопшто немале лиценца.
„Во Куманово има три објекти и сите со важечка лиценца за кабаре. Штип, Виница и Делчево по еден објект регистриран како кабаре, сите со лиценца со важност. Во Струмица има четири објекти – две лиценци со важност за диско клуб, една лиценца со важност за диско клуб на отворен простор и една истечена лиценца. Во Гевгелија има еден објект со лиценца со важност за диско клуб. Битола се четири објекти – три се со важност за кабаре, една лиценца со важност за диско клуб на отворен простор. Во Прилеп имаме два објекта и двата се со истечена лиценца. Кавадарци еден објект со лиценца со важност, Неготино еден објект со истечена лиценца. Во Велес еден со важност за кабаре, Охрид четири објекти – две лиценци со важност, една лиценца за диско клуб, еден објект е без лиценца. Кичево еден објект со важност за кабаре, Гостивар имаме еден објект со истечена лиценца, во Тетово шест објекти од кои за четири нема податок, а два се со истечена лиценца,“ информираше Митева.
ДПИ денеска на терен ги проверувал 22-та објекта кои имале важечки лиценци за, заедно со други надлежни институции, да утврди дали тие исполнуваат минимум технички услови за да добијат лиценца за што дополнително јавноста ќе биде информирана.
За оние објекти кои се со истечена важност на лиценцата или воопшто ја немаат, ДПИ донел забрана за вршење дејност се додека не се утврдат сите потребни документи и додека не се провери дали воопшто исполнуваат минимални технички услови.