Сцените од Крит вчера изгледаа како кадри од постапокалиптичен филм. Улиците, автомобилите и небото беа покриени со густ портокалов слој, откако голем бран сахарска прашина пристигна над островот и го обои хоризонтот во необична црвено-кафеава боја. Феноменот беше регистриран во Хераклион и други делови од Крит, а според информациите, прашината стигнала од Сахара со помош на силни јужни ветрови.
Метеоролозите во Грција уште на 31 март предупредија дека земјата ќе биде погодена од бран сахарска прашина меѓу 31 март и 2 април. Според нивните прогнози, прашината се пренесува од Либија и Египет кон Грција, а најсилно е погоден јужниот дел на земјата, особено Крит.
A dense wave of African dust swept across Crete, Greece, reducing visibility and disrupting flights. pic.twitter.com/gBNBZILIGx
— Clash Report (@clashreport) April 1, 2026
Освен што го промени изгледот на небото, прашината предизвика и проблеми со видливоста и квалитетот на воздухот.
Во исто време, Египет веќе беше под предупредување за нестабилно време, силни ветрови и прашина. Египетската метеоролошка служба, преку локални медиуми, најави бран на нестабилни временски услови на 1 април и во следните денови, што значи дека прашината и песокот од истиот поширок систем можат да продолжат да се движат и кон други делови од регионот.
Иако вакви појави не се непознати за Медитеранот, интензитетот и бојата на небото повторно го привлекоа вниманието на јавноста. Она што изгледа нереално на снимките, всушност е последица на добро познат метеоролошки процес: силни воздушни струења ја подигаат прашината од Сахара и ја носат стотици километри подалеку, сè до Грција и источниот Медитеран