Саемот на мебел донесе 15.000 посетители и над 70 брендови во Скопје

Годинашното издание на Саемот на мебел во комплексот „Борис Трајковски“ собра илјадници посетители и понуди богата програма со современи решенија за ентериер и домување.

Над 15.000 посетители го посетиле годинашното издание на Саемот на мебел, кој од 25 до 29 март се одржа во комплексот „Борис Трајковски“ под слоганот „Инспирација за секој дом“.

Според организаторите, саемот и оваа година привлекол голем интерес кај љубителите на дизајнот, ентериерот и иновациите, кои во текот на петте денови имале можност да се запознаат со најновите трендови во уредувањето на домот.

На манифестацијата се претставиле повеќе од 70 брендови од индустријата за мебел, ентериер и опремување на домот. Особено внимание, според соопштението, привлекле дизајнерските штандови, иновативните решенија и современите концепти за обликување на животниот простор.

Покрај изложбениот дел, во текот на саемот биле остварени и бројни деловни средби и контакти, што уште еднаш ја потврдило улогата на настанот како простор за поврзување меѓу бизнис-заедницата и потрошувачите.

Изложувачите имале можност директно да ги претстават своите производи и услуги, да ја зголемат видливоста на своите брендови и да воспостават нови соработки.

Партнер на Саемот на мебел 2026 беше Комерцијална банка, чија поддршка, како што наведуваат организаторите, придонела за успешната реализација на настанот.

Од Саемот оценуваат дека интересот за квалитетен дизајн, уредување на домот и современи решенија продолжува да расте, со најава за уште посилно издание во иднина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни