САД и Украина со тешки разговори: териториите клучна тема во можниот мировен договор

Вашингтон бара напредок околу линијата на разграничување пред најавените дискусии со Москва.
Американски и украински претставници започнуваат преговори во Флорида.
Photo: X

Преговорите меѓу делегациите на САД и Украина, одржани во американската сојузна држава Флорида, биле речиси целосно посветени на прашањето околу можната фактичка граница со Русија во рамки на потенцијален мировен договор. Според информации на порталот Axios, двајца украински високи претставници потврдиле дека токму територијалното разграничување било доминантната тема на повеќечасовните дискусии.

Состанокот траел пет часа и бил оценет како „тежок“ и „интензивен“, но истовремено и продуктивен. Делегацијата на САД пристигнала во близина на Мајами со цел да се постигне барем минимален напредок околу територијалната линија — напредок што специјалниот претставник на претседателот Доналд Трамп, Стив Виткоф, би го презентирал на рускиот претседател Владимир Путин на претстојниот билатерален состанок.

По воведните разговори во поширок формат, дискусијата била сведена на шестмина официјални претставници — тројца од американска и тројца од украинска страна. Практично единствената тема останала линијата на разграничување, прашање што ја одредува суштината на секој можен мировен договор.

Американската делегација била составена од Виткоф, државниот секретар Марко Рубио и советникот на Трамп — неговиот зет Џаред Кушнер. Украинската страна ја претставувале советникот за национална безбедност Рустем Умеров, началникот на Генералштабот генерал Андриј Гнатов и заменик-шефот на военото разузнавање Вадим Скибицки.

По завршувањето на главниот дел од разговорите, Умеров и Виткоф одржале и дополнителна средба „еден на еден“. Умеров потоа го информирал украинскиот претседател Володимир Зеленски за текот и резултатите од преговорите.

Еден украински функционер за Axios изјавил дека средбата, иако интензивна, не била негативна „Навистина го цениме сериозното американско ангажирање. Нашата позиција е да направиме сè што е возможно за успех на САД, но без да ја изгубиме земјата и без да дозволиме нова руска агресија.“

Тежината на темата дополнително ја нагласува и ставот на рускиот претседател Владимир Путин, кој според повеќе извори инсистира дека Москва нема да се повлече додека не воспостави целосна контрола врз Донбас — регион кој Русија го смета за стратешки и политички клучен.

Според достапните информации, Вашингтон во моментов притиска за договор што би вклучувал одредено територијално отстапување од страна на Украина, со цел постигнување поширок мировен аранжман. Таков потег, меѓутоа, би бил политички исклучително чувствителен во Киев, каде прашањето за интегритетот на државната територија претставува црвена линија.

Претседателот Зеленски претходно изрази желба директно да разговара со Доналд Трамп токму за прашањето на териториите. Но американскиот претседател порача дека ќе се сретне повторно со Зеленски или Путин само кога двете страни ќе се приближат до договор.

Конечниот исход од разговорите во Флорида засега останува неизвесен. И додека двете страни внимателно испраќаат сигнали на подготвеност за дијалог, реалноста на теренот и барањата на Москва укажуваат дека секој потенцијален договор ќе биде комплексен, политички чувствителен и со долгорочни геополитички последици.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни