САД ги укинаа санкциите за белорускиот поташ, Лукашенко ослободи уште 123 политички затвореници

Меѓу ослободените се добитникот на Нобеловата награда за мир Алес Бјалијатски и опозициската лидерка Марија Колесникова
Photo: AP/Belarusian Presidential Press Service

Белорускиот претседател Александар Лукашенко помилувал 123 државјани од различни земји, согласно договорите постигнати со Соединетите Американски Држави, соопшти неговата прес-служба. Одлуката доаѓа неколку часа откако САД објавија дека ги укинуваат санкциите за белоруските поташни ѓубрива – еден од клучните извозни сектори на земјата.

„Шефот на државата одлучи да помилува 123 државјани од различни земји, осудени според законите на Република Белорусија за кривични дела од различна природа – шпионажа и тероризам“, се наведува во соопштението од кабинетот на Лукашенко.

Со оваа одлука, заедно со ослободувањата од крајот на ноември, вкупниот број на помилувани лица достигнува 156. Меѓу нив има државјани на Велика Британија, САД, Литванија, Украина, Латвија, Австралија и Јапонија. Сите 123 лица биле веднаш депортирани од Белорусија, вклучително и белоруски државјани.

Меѓу ослободените се и добитникот на Нобеловата награда за мир Алес Бјалијатски, поранешниот претседателски кандидат Виктор Бабарико, како и една од водечките фигури на опозицијата, Марија Колесникова. Ослободена е и поранешната главна уредничка на порталот TUT.BY, Марина Золотова, која во 2023 година беше осудена на 12 години затвор. Помилувани се и истакнатите активисти за човекови права од Центарот „Вјасна“, Валентин Стефанович и Уладзимир Лабкович.

Неколку часа претходно, специјалниот пратеник на американскиот претседател за Белорусија, Џон Кол, објави дека Вашингтон ги укинува санкциите за белорускиот поташ. Објавата следеше по неговата средба со Лукашенко во Минск.

„По насока на претседателот Трамп, САД ги укинуваат санкциите за поташот“, изјави Кол. „Сметам дека ова е многу позитивен чекор за Белорусија. Ги укинуваме санкциите веднаш.“

Американскиот пратеник додаде дека комуникацијата меѓу Вашингтон и Минск во врска со санкциите ќе продолжи и дека, со нормализирањето на односите, ќе следи постепено укинување на уште рестриктивни мерки. Тој изрази надеж дека во иднина ќе се постигне состојба без вакви ограничувања.

Според Кол, разговорите со Лукашенко, кои започнале во петокот и продолжиле во саботата, биле „многу продуктивни“. Освен нормализацијата на билатералните односи, на средбите била разгледувана и војната меѓу Русија и Украина, при што американскиот пратеник изјави дека Лукашенко „дава корисни совети за решавање на конфликтот во Украина“.

Санкциите кон белоруската компанија „Беларускали“, еден од најголемите светски производители на поташни ѓубрива, беа воведени во август 2021 година – една година по претседателските избори во Белорусија кои Западот не ги призна поради наводи за изборна измама.

Според податоците на Националниот статистички комитет, пред кризата во 2020 година, Белорусија остварувала околу 2,4 милијарди долари годишно од извоз на поташни ѓубрива, што претставувало околу 8% од вкупниот извоз и приближно 4% од БДП на земјата.

Американската делегација предводена од Џон Кол го посети Минск и во септември. По таа средба, белоруските власти ослободија 51 затвореник и ги депортираа во Литванија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни