САД со предлог за распоредување меѓународни сили во Појасот Газа

Според предлогот, тоа би биле сили за спроведување на редот, а не класични мировни сили, и би ги сочинувале војници од повеќе земји

До неколку членки на Советот за безбедност на ОН од страна на САД испратен е нацрт-резолуција за воспоставување меѓународни безбедносни сили во Појасот Газа, објави порталот „Аксиос“.

Нивниот мандат би бил најмалку до крајот на 2027 година со можност за продолжување.

Според нацртот, Меѓународните безбедносни сили (МСБ) би имале широк мандат за управување со безбедноста и заштита на цивилите во транзицискиот период – до постепено повлекување на израелските сили и реформирање на Палестинската управа.

Американски официјален претставник изјави за „Аксиос“ дека документот ќе биде основа за преговори меѓу членките на Советот за безбедност во наредните денови, со цел да се гласа и формираат силите до крајот на годинава, а првите трупи да бидат распоредени во јануари.

МСБ би биле сили за спроведување на редот, а не класични мировни сили, и би ги сочинувале војници од повеќе земји, меѓу кои Индонезија, Азербејџан, Египет и Турција, кои изразиле подготвеност за учество.

Силите би делувале во координација со „Комитетот за мир“ во Газа, кој би функционирал како привремена управа до крајот на 2027 година и со кој би претседавал американскиот претседател Доналд Трамп.

Мандатот на МСБ вклучува обезбедување на границите со Израел и Египет, заштита на цивилите и хуманитарните коридори, обука на нови палестински полициски сили и процес на демилитаризација на Појасот Газа.

Силите би имале овластување да користат „сите неопходни мерки“ во согласност со меѓународното и хуманитарното право за да го спроведат мандатот, вклучувајќи го и разоружувањето на Хамас и други вооружени групи, доколку тоа не го сторат доброволно.

МСБ би функционирале под единствена команда, во тесна координација со Египет и Израел, а „Комитетот за мир“ би бил одговорен и за приоритетите и собирањето средства за обнова на Газа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни