САД се соочува со драстичен пораст на инфекции од бактерии резистентни на антибиотици

Во САД е забележан пораст од 70% на инфекции предизвикани од т.н. „бактерии од ноќна мора“ отпорни на антибиотици. Експертите предупредуваат на можен раст на хронични инфекции и потешко лекување.

Стапките на инфекции од бактерии резистентни на антибиотици се зголемиле за речиси 70% во САД помеѓу 2019 и 2023 година, според новиот извештај од научници на Американскиот Центар за контрола и превенција на болести (CDC).

Бактериите кои тешко се лекуваат поради таканаречениот NDM ген се главната причина за овој пораст, напишаа истражувачите на CDC во труд објавен во понеделникот во списанието Annals of Internal Medicine. Против овие инфекции делуваат само два антибиотици, и тие се скапи и се даваат само преку интравенозно (IV) аплицирање, додаваат тие.

Бактериите со овој ген претходно се сметаа за „егзотични“ и беа поврзувани со пациенти кои добивале медицинска нега во странство. Иако бројките и понатаму се релативно ниски, стапката на случаи во САД пораснала повеќе од пет пати во последниве години, соопшти CDC.

„Порастот на NDM бактериите во САД е сериозна опасност и многу загрижувачки,“ изјави Дејвид Вајс, истражувач за инфективни болести од Универзитетот Емори.

Скриени носители и опасност од ширење во заедницата

Научниците од CDC додаваат дека е веројатно многу луѓе да се нераспознаени носители на овие бактерии, што би можело да доведе до ширење во заедницата.

Тоа може да доведе до ситуации во ординации низ целата земја, каде што инфекции кои претходно се третирале лесно – како инфекции на уринарен тракт – би можеле да станат хроничен проблем, вели д-р Мароја Волтерс, коавторка на извештајот.

Што е антимикробна отпорност?

Антимикробната отпорност настанува кога микроби – како бактерии и габи – добиваат способност да преживуваат и покрај лековите кои треба да ги убијат. Главна причина за тоа е злоупотребата на антибиотици – недовршени терапии или неоправдано препишување – што ги прави бактериите посилни.

CDC веќе неколку години предупредува на опасноста од т.н. “бактерии од ноќна мора”, кои се отпорни на широк спектар на антибиотици, вклучувајќи ги и карбапенемите, кои се сметаат за лекови од последна шанса при тешки инфекции.

Бројки и зголемувања

Истражувањето вклучува податоци од 29 американски држави кои вршат тестирање и пријавување на карбапенем-отпорни бактерии.

Во 2023 година, биле забележани 4.341 случаи на инфекции од такви бактерии, од кои 1.831 биле од NDM типот. Истражувачите не објавиле колку лица починале. Стапката на карбапенем-отпорни инфекции пораснала од под 2 на 100.000 луѓе во 2019 до над 3 на 100.000 во 2023 – зголемување од 69%., но стапката на NDM инфекции се зголемила од околу 0,25 на 1,35 – зголемување од 460%.

Поврзано со пандемијата?

Истражувач кој не бил вклучен во студијата, д-р Џејсон Бурнам од Универзитетот во Вашингтон, вели дека овој раст веројатно е поврзан со КОВИД-19 пандемијата.

„Знаеме дека за време на пандемијата се користеа огромни количини антибиотици, што веројатно резултираше со зголемување на отпорноста на лекови,“ рече тој.

Недоволна покриеност со податоци

CDC признава дека ова е делумен приказ на ситуацијата.

Многу сојузни држави не прават целосно тестирање и пријавување. Дури и во државите што го прават тоа, случаите најчесто се откриваат кај пациенти во болници каде што се врши специфично тестирање. Многу болници немаат капацитет за генетско тестирање на отпорност.

CDC исто така нема податоци од некои од најнаселените држави, како Калифорнија, Флорида, Њујорк и Тексас, што значи дека вистинската бројка на инфекции е „дефинитивно потценета“, вели Бурнам.

Ова не е прв извештај што бележи зголемување. Извештај на CDC од јуни 2024 веќе потврди раст на NDM инфекции во Њујорк Сити од 2019 до 2024 година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни