САД издадоа предупредување за патување во Кипар поради безбедносни ризици

Стејт департментот ги повика американските граѓани да го преиспитаат патувањето во Кипар поради зголемените безбедносни ризици и тензиите на Блискиот Исток.

Американскиот Стејт департмент издаде ново предупредување за патување до Кипар, повикувајќи ги своите граѓани внимателно да ги преиспитаат плановите за посета на островот поради зголемените безбедносни ризици поврзани со тензиите на Блискиот Исток и засилената воена активност во регионот.

САД го подигнаа нивото на патничкиот совет за Кипар на ниво 3 – „Преиспитајте патување“, наведувајќи дека постои потенцијал за безбедносни инциденти и ограничена можност за конзуларна помош во одредени делови од островот, особено во северниот дел кој е под турско-кипарска управа.

Во рамките на истото соопштение, Стејт департментот им дозволи на не-критичниот персонал на американската влада и на членовите на нивните семејства доброволно да го напуштат Кипар, поради актуелната безбедносна ситуација.

Дополнително, американските власти предупредуваат дека од почетокот на меѓународните судири на 28 февруари 2026 година се регистрирани значајни прекини и нарушувања во комерцијалниот авионски сообраќај до и од островот.

Во документот се споменува и инцидент од 2 март, кога беспилотно летало погодило објект во британските суверени воени бази на Кипар, што дополнително ја зголеми загриженоста за безбедноста во регионот.

Американските власти им препорачуваат на патниците кои планираат патување на островот внимателно да ги следат безбедносните информации и препораките од локалните власти и од своите влади, како и да бидат подготвени за можни промени во патувањата поради нестабилната безбедносна ситуација и нарушувањата во воздушниот сообраќај.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни