САД погодени од 15 торнада: Прогласена вонредна состојба, можна катастрофална поплава во неколку држави

Најмалку 15 торнада ја погодија централната и јужната област на САД, при што осум лица се повредени, а во Арканзас е прогласена вонредна состојба.

Националната метеоролошка служба на САД (NWS) соопшти дека до средата навечер, според локалното време, биле регистрирани најмалку 15 торнада во четири различни држави.

Осум лица се повредени во Кентаки и Арканзас, од кои едно е во критична состојба во округот Балард, Кентаки, информираат локалните власти.

Гувернерката на Арканзас, Сара Хакаби Сандерс, прогласи вонредна состојба во целата држава поради невремето, кое донесе и град, како и обилни врнежи, пренесува Ројтерс.

Според NWS, милиони луѓе се под предупредување за торнада и поројни поплави, а опасноста ќе продолжи и во текот на четвртокот наутро по локално време.

Во Мисури е пријавена значителна материјална штета, уништени се деловни објекти, урнати се електрични столбови, а неколку празни товарни вагони се превртени.

Метеоролошките служби издадоа предупредувања за торнада и поплави во делови од Мисури, Арканзас, Тенеси, Мисисипи, Индијана, Илиноис, Кентаки и Оклахома.

Дополнително, агенцијата предупреди дека врнежите во Арканзас, Мисури, Тенеси и Мисисипи може да предизвикаат „катастрофални“ поплави на реките.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни