САД нудат амнестија за Хамас ако го предаде оружјето: нов предлог за иднината на Газа

Американски мировен предлог предвидува разоружување на Хамас во замена за амнестија и обнова на Газа, но исходот останува неизвесен.

Мировниот одбор на американскиот претседател Доналд Трамп му доставил на Хамас писмен предлог за разоружување на оваа милитантна група, чекор кој е клучен, но досега постојано одбиван. Според два извори запознаени со процесот, предлогот бил претставен на состаноци одржани минатата недела во Каиро, пренесува агенцијата „Ројтерс“.

Во разговорите учествувале Николај Младенов, специјален пратеник за Газа при Мировниот одбор, и Арије Лајтстоун, помошник на специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф. Планот на Трамп за Газа, на кој Израел и Хамас се согласија во октомври минатата година, предвидува повлекување на израелските сили од Појасот Газа и почеток на обнова под услов Хамас да го положи оружјето.

Младенов изјави дека се во тек сериозни напори за помош на разурнатата енклава и дека посредниците веќе договориле рамка која би можела да ја поттикне реконструкцијата.

„Предлогот е на маса. Бара јасен избор: целосно разоружување на Хамас и сите вооружени групи, без исклучоци. Во ова време на надеж, одговорните треба да донесат исправна одлука за палестинскиот народ“, напиша Младенов на социјалната мрежа „Икс“ по повод Рамазански Бајрам.

Можна амнестија како поттик

Американски претставници наведуваат дека во рамки на договорот на Хамас би можела да му биде понудена амнестија, доколку се согласи да го предаде и тешкото и лесното оружје, вклучително и автоматските пушки.

Сепак, извори блиски до Хамас тврдат дека групата веројатно ќе одбие да го предаде лесното оружје, стравувајќи од напади од ривалски милиции во Газа, од кои некои имаат поддршка од Израел. По прекинот на огнот во октомври, меѓу овие групи имало повеќе смртоносни судири.

Еден од изворите посочува дека исходот ќе зависи и од позицијата на Израел, кој инсистира на целосно разоружување на Хамас – барање што раководството на групата јавно го отфрла во последните месеци.

Неизвесна иднина за Газа

Во меѓувреме, Израел не покажува намера да ги повлече своите сили кои контролираат околу половина од Појасот Газа, додека Хамас ја задржува контролата врз остатокот од територијата и околу два милиони жители, од кои мнозинството останаа без домови по двегодишниот конфликт.

Како дополнителен поттик, на Хамас му се нудат амнестија и насочени инвестиции за обнова на Газа. Сепак, останува нејасно дали Мировниот одбор располага со доволно средства за реализација на овие ветувања.

Во февруари, Трамп обезбеди ветувања за околу 7 милијарди долари помош од повеќе земји, вклучително и од држави од Персискиот Залив. Но, дел од тие земји во меѓувреме беа погодени од ирански напади во рамки на поширокиот регионален конфликт.

Според истиот извор, досега е обезбеден само помал дел од најавените средства, без прецизирање на конкретни износи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни