Соединетите Американски Држави и Индија објавија рамка за привремен трговски договор, со што официјално го потврдија започнувањето на процесот за постигнување поширок билатерален трговски договор меѓу двете земји.
Во заедничко соопштение се наведува дека двете страни веднаш ќе започнат со имплементација на рамката и ќе работат на финализирање на Привремениот трговски договор, кој треба да биде основа за склучување заемно корисен билатерален трговски договор (BTA), во согласност со договорениот патоказ.
Објавувањето на рамката следува по најавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека е постигнат договор за значително намалување на американските царини за индиските производи – од 50 на 18 проценти. За возврат, Индија се обврзала да ги намали купувањата на руска нафта и да ги олесни трговските бариери за американските компании.
Индискиот министер за трговија Пијуш Гојал изјави дека формалниот трговски договор меѓу Вашингтон и Њу Делхи се очекува да биде потпишан во март, по што Индија дополнително ќе ги намали тарифите за американските стоки.
Трамп договорот го објави по телефонски разговор со индискиот премиер Нарендра Моди, нагласувајќи дека Индија ќе започне со купување нафта од САД, а потенцијално и од Венецуела. Дополнително, американскиот претседател потпиша извршна наредба со која се укинува казнената царина од 25 проценти за целиот увоз од Индија, воведена поради претходните индиски купувања на руска нафта.
