Втората рунда преговори меѓу Соединети Американски Држави и Иран се одржа во Женева, во услови на зголемени тензии и повторени воени закани, а двете страни потврдија дека е постигнат „напредок“ околу клучните принципи за решавање на спорот за иранската нуклеарна програма.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагачиизјави дека е постигнато разбирање за главните водечки начела, но нагласи дека тоа не значи дека договорот е блиску. Според него, договорено е двете страни да започнат со работа на текст за евентуален договор, да разменат нацрти и дополнително да ги приближат ставовите.
И американска страна потврди дека има напредок, но дека остануваат многу детали за кои треба да се разговара. Се очекува иранската делегација во наредните две недели да достави конкретни предлози за решавање на отворените прашања.
Посредник во разговорите е Оман, а министерот за надворешни работи на таа земја соопшти дека преговорите завршиле со „добар напредок“ во идентификувањето заеднички цели и технички прашања.
Иако не е официјално соопштено кои теми биле детално разгледани, Иран претходно најави дека фокусот ќе биде ставен на нуклеарната програма и можноста за укинување на американските економски санкции. Вашингтон, пак, сигнализираше дека сака да се разговара и за развојот на иранските ракети.
Американскиот претседател Donald Trump изјави дека верува оти Иран сака договор и ги оцени разговорите како „многу важни“, додавајќи дека ќе биде индиректно вклучен во процесот.
Во меѓувреме, САД го засилија военото присуство на Блискиот Исток. Според извештаи, во регионот се наоѓа носачот на авиони „Абрахам Линколн“, а упатен е и „Џералд Форд“, заедно со дополнителни разурнувачи и борбени авиони, што дополнително ја нагласува чувствителноста на моментот во кој се одвиваат преговорите.