Американскиот Стејт департмент денеска ги повика американските државјани веднаш да ја напуштат повеќе од десетина земји на Блискиот Исток, вклучително и Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, поради безбедносни ризици поврзани со ескалацијата на конфликтот со Иран.
Помошничката државна секретарка за конзуларни прашања, Мора Намдар, изјави дека американските граѓани треба да заминат користејќи достапен комерцијален превоз „поради безбедносните ризици“.
Предупредувањето следува откако во изминатите денови беа ажурирани препораките за патување во повеќе држави во регионот, со совет да не се патува таму. Повикот се однесува на Бахреин, Египет, Иран, Ирак, Израел, Јордан, Кувајт, Катар, Саудиска Арабија, ОАЕ, Либан, Оман, Сирија и Јемен.
Американската амбасада во Аман, Јордан, претходно соопшти дека персоналот ја напуштил локацијата „поради закана“. Министерството активирало и меѓуресорска кризна работна група за управување со ситуацијата и координација на одговорот на САД.
Колку ќе трае конфликтот?
Во саботата, САД и Израел изведоа серија напади врз цели во Иран, при што беа убиени повеќе високи функционери, меѓу кои и врховниот лидер Али Хаменеи Техеран возврати со напади врз американски и израелски цели во регионот.
Американскиот претседател Доналд Трампизјави дека се очекувало конфликтот да трае четири до пет недели, но не ја исклучи можноста да потрае и подолго.
Ескалацијата доведе и до раст на цените на енергенсите, откако ирански претставници се заканија дека ќе отворат оган врз секој брод што ќе се обиде да мине низ Ормускиот Теснец – клучна поморска рута за светското снабдување со нафта.
Се очекува американскиот министер за финансии Scott Bessent и министерот за енергетика Крис Врајт да ги претстават мерките за ублажување на растот на цените на енергијата. Според државниот секретар Марко Рубио, мерките ќе почнат да се презентираат од утре, со цел да се намали влијанието врз американската и глобалната економија.