САД извршија напади врз утврдени ирански ракетни позиции долж брегот на Ормускиот теснец, во рамки на операцијата „Епски бес“. Американската Централна команда, CENTCOM, соопшти дека иранските ракети на тие локации претставувале закана за меѓународниот поморски сообраќај, пренесува Џерусалем пост.
Во официјалното соопштение се наведува дека американските сили „успешно употребиле повеќе бомби од 2300 килограми“ врз утврдените ирански ракетни постројки.
Бродови го избегнуваат теснецот
Поради иранските закани, голем број бродови моментално го избегнуваат Ормускиот теснец – клучна артерија за глобалниот енергетски пазар низ која минуваат околу 20 проценти од светската нафта. Сателитските снимки од Персискиот Залив покажуваат десетици пловила кои чекаат надвор од теснецот за да избегнат можни напади.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека по телефонски разговор со Доналд Трамп е договорена координација околу ситуацијата во Ормус.
„Нашите воздухопловни сили и морнарици се координирани. Ќе помогнеме и со индиректни акции што создаваат силен притисок врз иранскиот режим, но и со директни операции. Следуваат уште многу изненадувања“, изјави Нетанјаху.
Според израелски извор, во моментов помошта од Израел е ограничена на разузнавачка поддршка, а не на директни воени акции – но тоа, како што додава, може брзо да се промени.