Соединетите Американски Држави одлучија привремено да ја прекинат воената помош за Украина, потврди Белата куќа, неколку дена по вербалниот конфликт помеѓу американскиот и украинскиот претседател во Белата куќа.
Оваа одлука беше потврдена од страна на официјален претставник на Белата куќа, кој истакна дека помошта ќе биде паузирана додека не се увери дека украинските лидери се сериозно посветени на мирот.
Според информациите, прекинот се однесува на сета помош која не е стигната во Украина, вклучувајќи оружје во транзит или складирано во Полска.
Оваа одлука доаѓа откако украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека мирот со Русија „сè уште е далеку“, што предизвика остри реакции од страна на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој го критикуваше Зеленски, обвинувајќи го дека не сака мир додека има поддршка од САД. Трамп истакна дека Соединетите Американски Држави повеќе нема да толерираат такви ставови, нагласувајќи незадоволство од според него, недоволна благодарност на Украина за воената помош која САД ја испратија.
Овој потег доаѓа само неколку дена по вербалниот судир помеѓу претседателите на САД и Украина во Белата куќа по прашањето на воените испораки и американската помош за Украина, која од почетокот на војната во Украина надмина 180 милијарди долари.