Сања Савеска: Сакам да ми се вратат неделите од детството

Сања Савеска е македонска ТВ и радио водителка. Во светот на медиумите влегува уште како тинејџерка, па така во средношколските денови работи во радио и е дел од екипата за надсинхронизација на цртани филмови во тимот на покојниот Димче Мешковски. Вели дека отсекогаш ја сакала работата во телевизија, па затоа водителството е нејзина професија веќе 12 години. Во моментов е дел од големиот и успешен проект „Брза Кујна“ на ТВ Сител.

Недела наутро:
Дефинитивно кафе наутро, како и секој друг ден. Кафето ми е задолжително за почеток на денот. Со пролетта и убавото време тој ритуал е уште поубав на мојот мал балкон. Со спортот и мамурлакот оддамна сме скарани.

Неделен ручек:
Недела ми е синоним за ручек со семејството. Секогаш кога имаме можност се собираме сите заедно со внуците и тоа е вистинска радост за сите. Полна и богата трпеза со вкусни јадења подготвени од мајка ми , која е вистински мајстор и воопшто не и е тешко на сите да ни ги подготви омилените јадења. Мене лично мирисот на печено пиле и компири ме асоцира на неделен ручек, некако ме потсетува на детството и мислам секоја втора куќа и секое маало ми мирисаше така.

Недела попладне:
Дефинитивно ако сме во градот, после ручекот задолжителна ни е убава прошетка , дали во градскиот парк или некаде низ наше маало, сакам да се прошетам и да разбистрам мисли.

Неделно опуштање:
Со партнерот Томи, кога е времето убаво сакаме да се возиме со мотор, тоа не опушта и двајцата. Некаде на кафе, ручек. Ден кога можеме повеќе да бидеме заедно. Тука е секогаш и Маша да не развесели во долгите прошетки. Рецептот е едноставен, бидете повеќе време со сите кои вистински ве прават среќни.

Недела навечер:
На филм заспивам, книгата подолго ме држи будна. Сакам да се опуштам со убава книга.

Недела во детството:
Би сакала тие недели да се вратат. Детство без мобилни и многу љубов. Имам убави спомени од детството, а неделата беше секогаш убав ден за семејството. Често не носеа преку ден на излет. Мајка ми во недела ни правеше многу вкусни јадења, куќата мирисаше на печени кифли, колачи. Вечерите беа посебни, сите со нетрпение ги чекавме новите епизоди од “Подобар живот “ и нормално веднаш потоа во кревет со наместен ранец за следниот ден во училиште.

Дали ти е сеедно што утре е понеделник?
Па во последните години искрено, сеедно ми е. Можам да станам и подоцна (а тоа е 07.30) и да пијам раат кафе, бидејќи утринските емисии се зад мене и сега уживам во снимањата на Брза кујна.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни