„Сѐ уште можам нешто да сторам”: Нова литературна магија од Фросина Пармаковска

Фросина Пармаковска, авторка која со своите дела ја збогати македонската книжевност, најавува нова книга „Сѐ уште можам нешто да сторам”, која претставува нова додадена вредност во нејзиното литературно творештво. Од своето деби во литературата, Пармаковска ја покажа својата умешност во креирање на впечатливи карактери, непогрешливо разоткривајќи ги емоциите и комплексноста на човечките односи. Нејзиниот стил на пишување е препознатлив по неговата врвна драма, силно претставена во секоја страница, што ги освојува читателите со својата автентичност и длабоки размислувања. Во нејзината нова книга, „Сѐ уште можам нешто да сторам”, Фросина Пармаковска ја истражува личноста, времето и просторот на човекот преку интимни приказни, кои се вплетени во вакумот на исчезнувањето и постојанството. Тоа е роман за исчезнувањето, за моќта на реалноста да создаде свет полн со необични настани. За чудесното, соништата и постојаното поместување на границата на тие два света: реалното и чудесното! Книгата се издвојува како надградба на нејзиниот карактерен стил, истражувајќи нови теми и длабоки емоции. Со „Сѐ уште можам нешто да сторам“, авторката не само што продолжува со своето литературно творење, туку и ги предизвикува читателите да ги размислуваат за сопствените човечки моменти, сетувањата и стремежите што секој од нас ги испитува во сопствениот живот.

Трн: Сѐ уште можам нешто да сторам – интересен наслов на новата книга која верувам дека читателите одвај ја чекаат. Зошто токму овој наслов?

Фросина: Насловот, сам по себе е интересна приказна затоа што дојде во последен момент. Работниот наслов на книгата беше „Исчезнување“, но по „Одбројување“ и „На враќање“, тоа ќе изгледаше како дел од трилогија, а не е. Така, во периодов неодамна, кога го завршив романот и сите оние корекции, проверки на фактите, препрочитувања, веќе бев многу уморна и истрошена, особено во поглед на креативната енергија, па тука се појави Нено од издавачката куќа Или Или каде што, како и другите, ќе биде објавен и овој мој роман. Предлогот на Нено „Сѐ уште можам нешто да сторам“ (кој е дел од текстот на самиот роман) е негова идеја која ни се допадна веднаш и на двајцата, а и на уште неколку луѓе кои што ги консултирав, па така романот си доби и кум и наслов.

Трн: Кога беше најсреќна?

Фросина: Уште сум 🙂

Трн: Што најмногу презираш кај другите?

Фросина: Давам сѐ од себе да не презирам.

Трн: Што ти е највредно од она што го поседуваш?

Фросина: Домот

Трн: Што им должиш на родителите?

Фросина:  Домот со сѐ што го исполнува

Трн: Имаше ли некои лични искуства или настани што влијаеаа на твоето пишување?

Фросина: Искрено верувам дека во секој роман има нешто лично, без разлика дали се работи за дел од светогледот на авторот, мисли и расположенија кои влијаат и преминуваат кај ликовите или, пак, случки кои модифицирани влегуваат во самиот роман. Конкретно во овој роман, тоа што произлезе лично од мене, а кое лебди меѓу редовите, во амбиентот, но и во светогледот на главниот лик е вербата во чуда, во добро искористениот живот и во поубавите денови што доаѓаат колку и да сме во моментот обвиени во мрак.

Трн: Што или која е најголемата љубов на твојот живот?

Фросина:  Пишување, патување, читање

Трн: Дали некогаш си рекле „Те сакам“ без навистина да го мислиш тоа?

Фросина: Никогаш

Трн: Дали оваа книга тематски или стилски се поврзува со твоите претходни дела?

Фросина:   Тематски е нешто сосем различно – во овој роман се занимавам со теми кои никогаш претходно не биле во фокусот на моето пишување додека, пак, стилски, може и тоа како да се поврзе со досегашните романи, особено со Вишнова хроника.

Трн: Како ги развиваше главните ликови во книгата?

Фросина: Ликовите, особено овде зборувам за главниот, го развив полека, трпеливо, опипувајќи и истражувајќи многу во процесот на пишување. Бурата од настани која што доаѓа во неговиот живот од немајкаде и неповикана, во тој процес стана и моја бура, неговите болки и стравови беа и мои, неговата надеж беше и моја и гласот негов беше и мој глас. И постојано, на сите места каде што одевме и сите денови кои што ги минавме, иако во реалноста тој не постои и сум сама – таму, тој свет ни беше заеднички како што ни беа заеднички сите чекори од патеката која тој мораше да ја минува.

Трн: Дали се инспирирани од поединци од реалниот живот или чисто измислени?

Фросина: Ликовите се измислени – инспирацијата од вистинските луѓе од реалноста може да се лоцира само како поттик, иницијална каписла или само еден сегмент од структуирањето на ликовите со целата нивна комплексност во самиот роман.

Трн: Кое е твоето најголемо разочарување?

Фросина: Од луѓе

Трн: Доколку како во времеплов би можело да се патува назад, каде би заминала?

Фросина: Во детството

Трн: Како се опушташ?

Фросина: Со пиво и музика

Трн: Што сметаш дека е твое најголемо достигнување?

Фросина: Книгите

Трн: Која е најважната лекција што ја научи од животот?

Фросина: Повеќе се – оние што сум ги научила низ лични примери.

Трн: Што можат читателите да очекуваат од овој нов наслов?

Фросина:  Може да очекуваат многу неизвесност, многу заплети, бројни гранични состојби меѓу сонот и јавето, реалноста и она што демне зад неа, но и проблеми и прашања кои се актуелни во денешното секојдневие.

Трн: Дали постои централна порака или навестување што се надеваш дека читателите ќе го сфатат од твојата книга?

Фросина: Би сакала до пораката (или пораките) читателите сами да дојдат затоа што секој може да најде нешто ново, нешто различно, нешто за себе или нешто општо. Она што, во конкретен момент од романот доаѓа како своевидна констатација на главниот лик во романот би го искористила и лично јас, како порака која може да биде само една во морето од толкувања што може да ги произведе секој роман, а тоа е вербата во живот во кој може да направиме чуда – онаа безусловна, детска, која не подлежи на никакви тестови и докази, а која може да се насочи кон толку многу убави нешта…

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни