Четири години по почетокот на инвазијата на Москва врз Украина, приходите на Русија од извоз на нафта и гас бележат значителен пад во изминатите 12 месеци, и покрај зголемениот обем на извоз на сурова нафта. Ова се наведува во најновиот извештај на Центар за истражување на енергија и чист воздух (CREA).
Според податоците на CREA, вкупните приходи од извоз на нафта, гас, јаглен и рафинирани производи достигнале 193 милијарди евра во периодот до 24 февруари 2026 година, што претставува пад од 27 проценти во однос на споредливиот период пред војната во Украина.
Приходите од извоз на сурова нафта се намалиле за 18 проценти на годишно ниво и изнесуваат 85,5 милијарди евра, иако количините на извезена нафта биле за шест проценти повисоки од нивото пред инвазијата, со вкупно 215 милиони тони.
Намалувањето на приходите се поврзува со западните санкции, кои ја принудија Русија да ја продава својата нафта по пониски цени. Дополнително, извозот на гас значително опадна од 2022 година наваму, што дополнително влијаеше врз буџетските приходи од фосилни горива.
Аналитичарот на CREA, Исак Леви, оценува дека новите мерки и засилената примена на санкциите довеле до сериозно намалување на заработката од енергетскиот сектор, со што се ограничуваат средствата за финансирање на воените активности.