Русија изврши нов ноќен напад со дронови врз украинскиот главен град Киев, при што беа погодени две станбени згради. Според податоците на Државната служба за итни случаи на Украина, тројца луѓе загинаа, а 29 се повредени, меѓу нив и седум деца.
Според очевидци, повеќе експлозии одекнале околу 2:35 часот по локално време, а украинските власти потврдија дека за време на нападот била активирана противвоздушната одбрана.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека била погодена деветкатна зграда во населбата Десњански, при што биле оштетени вториот и третиот кат. Челникот на воената управа на градот, Тимур Ткаченко, додаде дека во истата област била погодена и шеснаесеткатна зграда, по што избил голем пожар. Прозорците на зградата биле искршени од првиот до деветтиот кат.
Подоцна властите демантираа првични информации за напад на друга зграда во Оболонскиот округ. На социјалните мрежи се појавија снимки кои прикажуваат огромен пожар на едната од погодените згради. Засега нема дополнителни информации за состојбата на повредените.
Овој напад доаѓа ден по рускиот удар со балистички ракети врз Киев, кога загинаа две лица, а дванаесет беа повредени. Русија од почетокот на инвазијата во февруари 2022 година постојано ги напаѓа украинските градови, а последните месеци ги засили ударите врз енергетската инфраструктура, што предизвика рестрикции на електрична енергија.
Градоначалникот Кличко претходно предупреди дека Киев се подготвува за најтешката зима од почетокот на руската инвазија.
