Ноќен руски напад со дронови ја погоди украинската инфраструктура на Дунав и делови од енергетскиот систем, соопштија локалните власти. Во нападот биле оштетени пристанишни капацитети во јужниот дел на Одеската област, а едно лице е повредено.
Украинската управа за морски пристаништа соопшти дека нападнато било едно од пристаништата на Дунав, без да го именува, но наведе дека се оштетени складишта, кејови и административни објекти, како и капацитети на одделни пристанишни оператори. И покрај нападот, пристаништето продолжува да работи.
Градоначалникот на Измаил, најголемото украинско пристаниште на Дунав, изјави дека градот повторно бил цел на масовен напад со дронови. Локалните власти соопштија дека без струја останале близу 17.000 потрошувачи, а прекинато било и водоснабдувањето во блискиот град Вилкове.
Според украинското воено воздухопловство, Русија во текот на ноќта лансирала 153 дронови, од кои 130 биле соборени или неутрализирани. Романското министерство за одбрана, пак, соопшти дека делови од дрон паднале и на романска територија.
Нападот доаѓа во момент кога Украина предупредува дека ударите врз пристанишната инфраструктура во Одеската област значително се засилиле. Министерот за надворешни работи Андриј Сибиха изјавил дека во изминатиот месец пристанишната инфраструктура во Одеса била нападната повеќе отколку во целата претходна година.