Руски напади со дронови ја оставија Одеса без струја

Владата во Киев ја обвинува Русија дека ги напаѓа енергетските објекти со цел да го лиши населението од светло и греење пред доаѓањето на зимата
Фото: Хелсинг

По обемните руски напади со беспилотни летала во текот на ноќта, десетици градови и села во јужниот украински регион Одеса, лоцирани на брегот на Црното Море, се оставени без електрична енергија известија денес локалните власти.

Штета е причинета на енергетската инфраструктура во градот Одеса и околниот регион, според службите за цивилна заштита и јавниот обвинител.

Во регионалниот административен центар, избувнаа пожари во енергетски објект и во трокатна зграда што припаѓала на хотелско-ресторански комплекс. Една жена беше повредена, а две лица беа спасени, пренесе ДПА. Вкупно 41 населено место во регионот останаа без електрична енергија.

Владата во Киев ја обвинува Русија дека ги напаѓа енергетските објекти со цел да го лиши населението од светло и греење пред доаѓањето на зимата. Според Киев, овие напади имаат за цел да ја притиснат украинската власт да прифати мировен договор под услови на Москва, што Украина го одбива, нагласувајќи дека “нема да се предаде”.

Во исто време, Украина ги интензивираше своите напади врз цели во Русија во текот на ноќта, во обид да ја одбие инвазијата што Русија ја започна во 2022 година.

Министерството за одбрана на Русија соопшти дека 42 украински дронови биле соборени, најголемиот дел во јужниот регион Волгоград. Во градот Волгоград, “делови од соборен дрон паднале врз станбени згради, училишта и градинка”, изјави гувернерот Андреј Бочаров. “Скршени се прозорци, а еден маж е повреден”, додаде тој.

Регионалните здравствени власти соопштија дека тројца деца биле пренесени во болница поради стрес.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни