Русите признаа дека е нападната нуклеарната централа во Курск

Во нападот нема повредени, а нивото на зрачење во објектот и околината не ги надминува дозволените граници

Украина изврши напади со беспилотни летала во текот на ноќта врз неколку руски енергетски објекти, вклучувајќи ја нуклеарната централа Курск и нафтениот терминал во пристаништето Уст Луга во регионот Ленинград, потврдија руските власти. Во нападот врз нуклеарната централа во Курск, недалеку од границата со Украина, помошниот трансформатор беше оштетен, што доведе до намалување на оперативниот капацитет за 50 проценти, според официјални лица.

Во нападот нема повредени, а пожарот што избувнал брзо бил изгаснат. Исто така, нивото на зрачење во објектот и околината не ги надминува дозволените граници, соопшти прес-службата на нуклеарната централа.

Агенцијата за атомска енергија на ОН потврди дека нивото на зрачење во близина на нуклеарната централа е во нормални граници. „Мониторингот потврдува нормални нивоа на зрачење во близина на нуклеарната централа Курск“, објави Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) на X.

Пожар избувна и на терминалот на нафтената компанија Новатек во пристаништето Уст Луга во Ленинградската област како резултат на напад од украински беспилотни летала, објави раководителот на регионот Александар Дрозденко. Станува збор за огромен комплекс на Балтичкото Море за преработка и извоз на нафта и нафтени деривати на меѓународните пазари.

Според Дрозденко, околу 10 украински дронови биле соборени над пристаништето, а пожарот на погодениот терминал се гаси. Пожарот на терминалот на Новатек не влијаел на горивото во резервоарите на фабриката, изјави во недела гувернерот на рускиот Ленинградски регион.

„Пожарникарските екипи работат на локализирање на пожарот на локацијата на терминалот во Уст-Луга. Резервоарите за гориво не беа зафатени од пожарот“, објави Александар Дрозденко, гувернер на регионот каде што се наоѓа пристаништето Уст-Луга, во апликацијата за пораки Телеграм.

Министерството за одбрана соопшти дека војската уништила 95 украински беспилотни летала во текот на ноќта во 13 области, вклучувајќи ги Ленинградската област, Самара и Курск.

Руската администрација за цивилно воздухопловство, Росавијација, објави дека поради украинските напади, летовите до неколку аеродроми, вклучувајќи го и аеродромот Пулково во Ленинградската област, се суспендирани. Украина објави дека нападнала и индустриски комплекси во јужна Русија, вклучувајќи ја и рафинеријата за нафта во Сизран, во Самараската област.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни