„Силите за противвоздушна одбрана работат на неутрализирање на заканата на небото над главниот град“, соопшти киевската воена управа преку Телеграм, повикувајќи ги граѓаните да останат во засолништа додека не биде даден сигнал за престанок на опасноста.
Засега нема информации за жртви или материјална штета, ниту пак е познат точниот обем на нападот. Според украинските извори, руските сили извршиле масовни ракетни и беспилотни напади врз повеќе украински градови, при што посебно биле погодени крајните западни делови на земјата.
Експлозии биле пријавени и во западниот град Ривне, како и во Бурштин, во Ивано-Франкивската област, како и во Черкаската Област, јави јавниот сервис Suspiline.
Воздушна тревога била прогласена во речиси сите региони на земјата, откако украинските воздушни сили предупредија на лансирање стотици дронови и десетици руски ракети. Засега нема официјални податоци за последиците од нападите.
Нападот уследи откако украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека граѓаните треба да се подготват за масовни руски ракетни и дронски напади за време на божиќниот период.
„Тоа е нивната природа, да изведат некаков масовен удар токму за нашиот Божиќ. Повторно го отвораме прашањето за противвоздушната одбрана и заштитата на нашите заедници, особено на 23, 24 и 25 декември“, изјави Зеленски.
Русија го отфрли предлогот за божиќно примирје, оценувајќи дека тоа би ѝ овозможило на Украина привремен одмор, изјави на 16 декември портпаролот на Кремљ Дмитри Песков. Тој потсети дека и претходните привремени примирја за време на верски празници, вклучително и оние иницирани од Москва, биле прекршувани.
Во последните месеци руските сили редовно извршуваат напади врз украинските градови, додека САД преку дипломатски напори се обидуваат да најдат решение за ставање крај на руската агресија врз Украина. И покрај повеќекратните рунди разговори, исходот од мировните преговори останува неизвесен, поради одбивањето на Москва да се откаже од своите максималистички барања.
Извор: Index.hr