Руски сили во текот на ноќта изведоа ракетен напад со балистички проектили врз Киев, при што беше уништен административно-магацински комплексот на компанијата Optima-Pharm — вториот најголем дистрибутер на лекови во Украина, јавува RBC-Украина.
Компанијата е долгогодишен учесник на украинскиот фармацевтски пазар, специјализирана за големопродажба и дистрибуција на фармацевтски и медицински производи.
Штета од 100 милиони долари
Според првичните информации, целосно е уништен магацин со површина од 29.000 квадратни метри, а материјалната штета се проценува на околу 100 милиони американски долари. Тоа приближно одговара на вредноста на лековите кои се наоѓале во објектот во моментот на нападот.
Покрај магацинот за лекови, оштетени се и производните погони на украинската компанија Idealist Coffee, која се занимава со преработка и дистрибуција на кафе. Од компанијата соопштија дека во моментов се врши проценка на обемот на материјалната штета.
Локалните власти во Киев потврдија дека нападот предизвикал голем пожар, кој бил ставен под контрола неколку часа по ударот. Екипите на украинските служби за вонредни ситуации (ДСНС) соопштија дека нема загинати или тешко повредени, но штетата за здравствениот сектор е огромна, бидејќи уништените залихи на лекови биле наменети за болници и аптеки низ целата земја.
Експертите предупредуваат дека нападот ќе има сериозни последици врз снабдувањето со медицински производи во Украина, особено во источните и јужните региони каде борбите продолжуваат со висок интензитет.
