Втор ден преговори во Женева: меѓу дипломатските разговори и фактите на теренот

Украинските и руските претставници денеска во Женева го одржаа вториот ден од разговорите посредувани од САД со цел ставање крај на четиригодишната војна. Според специјалниот претставник на Белата куќа, Стив Виткоф, на првиот ден бил забележан „значителен напредок“.

Средбите од 17 и 18 февруари претставуваат трета рунда трилатерални разговори во изминатиот месец и се фокусираат на две клучни прашања – територијалните претензии и безбедносните гаранции.

Водечкиот украински преговарач Рустем Умеров изјави дека консултациите се одвиваат под раководство на политички и воени тимови и дека се работи на разјаснување на параметрите и механизмите на можните решенија. Во Москва, портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека разговорите опфаќаат поширок спектар прашања во однос на претходната рунда.

Според Виткоф, двете страни се согласиле да ги информираат своите лидери и да продолжат со напорите кон договор. Сепак, остануваат отворени суштински разлики.

Русија инсистира на задржување на териториите што ги контролира во источниот регион Донбас, додека Украина бара цврсти безбедносни гаранции од САД и европските сојузници како заштита од идна агресија.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека побарал да се разговара и за статусот на нуклеарната централа „Запорожје“, која беше најголем извор на електрична енергија во земјата пред војната, а сега е под руска контрола. Тој посочи и дека се дискутира за механизмите за мониторинг на евентуален прекин на огнот.

Во пресрет на разговорите, Русија изврши нови напади со беспилотни летала и ракети врз украински градови и енергетска инфраструктура. Зеленски изјави дека украинските преговарачи треба да ги постават прашањата за воздушните напади и во однос на американската иницијатива за воздржување од напади.

Во меѓувреме, Зеленски потпиша указ за воведување санкции кон белорускиот претседател Александар Лукашенко поради, како што наведе, неговата помош на Русија во војната. Санкциите вклучуваат економски мерки и забрана за влез во Украина. Зеленски соопшти дека Киев ќе соработува со партнерите за овие санкции да имаат поширок, глобален ефект.

Разговорите во Женева продолжуваат, а страните најавија дека ќе ги информираат своите лидери за текот на консултациите. Засега нема официјална најава за договор или временска рамка за евентуален прекин на огнот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни