Како војната меѓу Русија и Украина ја загадува планетата

Емисиите од конфликтот достигнаа 311 милиони тони CO₂ од 2022 година, покажува најновата анализа, додека пожарите и воената машинерија дополнително го продлабочуваат климатскиот ефект

Четири години по почетокот на руската инвазија врз Украина, експертите предупредуваат дека војната не носи само човечки жртви, туку и сериозни климатски последици. Според анализа пренесена од Euronews, емисиите на стакленички гасови од конфликтот достигнале нивоа споредливи со годишните емисии на Франција.

Јаглеродната цена на војната

Иницијативата за пресметување на емисиите од војни (Initiative on GHG Accounting of War) наведува дека само во четвртата година од конфликтот се генерирани дополнителни 75 милиони тони CO₂ еквивалент, со што вкупните емисии од 24 февруари 2022 година достигнале 311 милиони тони.

Овие емисии произлегуваат од воени дејствија со тенкови и тешка механизација на фосилни горива, пожари на отворен простор, уништена енергетска инфраструктура, миграција, цивилна авијација и реконструкција на оштетените објекти.

Пожари и климатска спирала

Во 2025 година, Украина регистрирала 1,39 милиони хектари изгорена природна површина – значително повеќе од предвоените нивоа. Пожарите во природата учествуваат со 23 проценти во вкупните емисии од конфликтот.

Извештајот наведува дека невообичаено топлите и суви услови, дополнително засилени од глобалното затоплување, ги претвораат и најмалите искри од борбите во неконтролирани пожари, додека противпожарните служби често немаат пристап до погодените области.

Експертите предупредуваат на „бесконечен круг“ во кој вооружените конфликти и климатските промени се повеќе меѓусебно се засилуваат.

Војна на фосилни горива

Повеќе од една третина од емисиите во четвртата година од војната потекнуваат од потрошувачката на фосилни горива – тенкови, оклопни возила, борбени авиони и логистичка поддршка.

Глобално, воените емисии се проценуваат на околу 5,5 проценти од вкупните светски емисии, но често не се транспарентно пријавувани, дури ни во рамките на Европската Унија.

Климатски репарации

На самитот COP30 во Белем минатата година, Украина најави дека ќе бара повеќе од 37 милијарди евра од Русија за воените климатски штети. Сумата е пресметана врз основа на таканаречената „социјална цена на јаглеродот“ од 185 долари по тон CO₂ еквивалент.

Украинската влада најави дека годинава ќе поднесе барање во рамките на Регистарот за штета врз животната средина, што би можело да претставува прв случај на климатски репарации поврзани со војна.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни