Украина алармира: Русија подготвува нови удари врз енергетскиот систем

Додека трае санацијата на штетите од претходните удари, Киев тврди дека постојат информации за нов бран напади врз електроенергетската инфраструктура.

Украинскиот министер за енергетика Денис Шмихал изјави дека Киев очекува нови руски удари врз енергетскиот сектор, во момент кога сервисните екипи сè уште работат на санација на штетите од претходните напади.

По дневниот состанок посветен на енергетските прашања, Шмихал на Телеграм соопшти дека поправките напредуваат, делумно благодарение на подобрените временски услови, бидејќи ноќните температури во последните денови се само неколку степени под нулата.

„Истовремено, имаме информации дека непријателот подготвува нови удари врз енергетскиот сектор“, напиша Шмихал, без да наведе дополнителни детали или докази.

Тој додаде дека задачата на надлежните служби не е само брза обнова, туку и максимална подготвеност за можните нови предизвици.

Руските напади со ракети и беспилотни летала во изминатиот период предизвикаа сериозни оштетувања на украинскиот енергетски систем. Во неколку наврати, ноќните удари оставија стотици станбени згради без греење или електрична енергија.

Според министерот, околу 200 сервисни екипи работат деноноќно во Киев, кој беше меѓу најпогодените градови во последниот бран напади. Поправки се вршат и во црноморското пристаниште Одеса, каде оваа недела беа погодени енергетски објекти, како и во регионите во близина на линијата на фронтот.

Украинските власти предупредуваат дека стабилноста на енергетскиот систем останува клучна во услови на продолжен конфликт, особено во зимски услови кога побарувачката за електрична енергија и греење е зголемена.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни