Русија се насочува кон возовите: железничката мрежа на Украина под интензивни напади

Москва ја таргетира клучната украинска логистичка артерија — нападите врз железничката инфраструктура се зголемени тројно, а стотици локомотиви, станици и возови се оштетени.
Русија таргетира локомотиви, станици и логистички јазли со прецизни дронови
Photograph: Oleksii Kuleba/Telegram/Reuters

Украина бележи драматично зголемување на нападите врз својата железничка мрежа, која е една од најкритичните инфраструктури за транспорт на патници, стоки и воена помош. Според Олексии Кулеба, заменик-премиер задолжен за инфраструктура, земјата регистрирала повеќе од 800 напади врз железнички објекти од почетокот на 2025 година, при што биле оштетени над 3.000 инфраструктурни сегменти — од локомотиви до станици и пруги, пренесува Guardian.

„Во последните три месеци, нападите се зголемени трикратно. Станува збор за систематско таргетирање на возови, особено на локомотивите и возачите“, изјави Кулеба.

За земја со големи растојанија како Украина, железницата е незаменлива. Таа пренесува над 63% од товарниот транспорт, вклучувајќи и извоз на жито, а 37% од патничкиот сообраќај се одвива по шините. Откако Русија ја започна полномасовната инвазија, цивилните аеродроми практично не функционираат, па железницата стана и клучниот канал за меѓународни посети, евакуации и транспорт на воена помош.

Според Олександр Перцовски, шеф на државната железница „Укрзализниција“, Русија сѐ повеќе употребува прецизни ирански Shahed дронови за да погодува директно локомотиви. „Целта е јасна: да се уништи оној дел од системот што е најтежок за обнова“, нагласува тој.

Украинските железници воведуваат системи за електронска заштита, антидрон мерки и специјални тимови за воздушна одбрана составени од железнички работници.

Напад врз клучната станица во Лозова

Во регионот Харкив, главната станица во Лозова беше тешко оштетена во ноќен напад. Раководителката на станицата, Тетјана Ткаченко, опиша како од силната експлозија се разбудила во 2:44 часот по полноќ. „Имавме пет возови на пероните. Русите точно знаеја што таргетираат — ова е големо транспортно јазло од кое се патува кон Днипро, Славјанск, Полтава и Харкив.“

Платформи се уништени, фасадата е изгорена, а внатрешноста на главната зграда делумно е урната. Но, и покрај тоа, патниците продолжуваат да се редат по билетарниците — една од ретките сцени на упорност среде уништување.

Кулеба истакнува дека Москва има три стратешки цели: да ја пресече логистиката на југот и спречи транспорт на стоки кон морските пристаништа; да го наруши железничкиот сообраќај блиску до фронтот, особено во Чернихив и Суми и да „уништи сѐ“ во Донбас — индустриското срце на Украина.

    Покрај физички напади, се забележува и пораст на лажни дојави за поставени експлозиви, вклучително и на меѓународни линии.

    Иако пругите се обновуваат брзо — понекогаш за само еден ден — поогодените локомотиви претставуваат многу потежок проблем. Во интервју за Associated Press, воениот експерт Сергиј Бескрестнов предупреди дека возовите се идеални цели за дронови: бавни се, а нивните рути се предвидливи.

    „Ако Русија продолжи да ги погодува дизел и електричните локомотиви, многу наскоро пругите ќе останат цели — но нема да имаме со што да се движиме по нив“, предупреди Бескрестнов.

    е-Трн да боцка во твојот инбокс

    Последни колумни