Русија ги нападна украинските пристаништа, оштетени три турски брода

Нападите следуваат по заканите од Москва дека ќе ја „отсече Украина од морето“
Photo: Украинска итна служба

Русија во петокот изврши напади врз две украински пристаништа, при што беа оштетени три брода во турска сопственост, меѓу кои и брод што превезувал храна, соопштија украински официјални претставници и сопственикот на еден од бродовите. Нападите се случија само неколку дена откако Москва се закани дека ќе ја „отсече Украина од морето“.

Рускиот претседател Владимир Путин минатата недела најави одмазда за нападите со дронови врз танкери за кои се смета дека се користат за извоз на руска нафта, што Киев го посочува како еден од главните извори на финансирање на Русија во речиси четиригодишната војна.

Нападот се случил само неколку часа откако турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган му предложил на Путин ограничено примирје кое би ги опфатило енергетските постројки и пристаништата, оценувајќи дека таков чекор би можел да биде корисен.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави фотографии на кои се гледа голем пожар на брод во пристаништето Чорноморск, во Одеската област, додека пожарникарите интервенираат.

„Ова уште еднаш покажува дека Русите не ја сфаќаат доволно сериозно тековната можност за дипломатија и дека продолжуваат со војната со цел да го уништат нормалниот живот во Украина“, изјави Зеленски.

Сопственикот на бродот, компанијата Cenk Shipping, соопшти дека бродот „Cenk T“ бил погоден околу 16 часот по локално време. Според нивните информации, меѓу екипажот нема повредени, а материјалната штета е ограничена.

Агенцијата Reuters го потврди моментот на нападот преку видео објавено на социјалната мрежа X. Бродот на снимката одговара на „Cenk T“, а крановите и објектите се совпаѓаат со сателитските снимки од пристаништето Чорноморск. Според Фабијан Хинц, истражувач за одбранбени и воени анализи во Меѓународниот институт за стратешки студии, употребеното оружје било руски дрон „Геран-2“.

Руското Министерство за одбрана не одговори веднаш на барањето за коментар.

Украинскиот вицепремиер Олексиј Кулеба изјави дека нападите биле насочени кон цивилната логистика и комерцијалното бродство, додавајќи дека Русија ги нападнала украинските пристаништа со дронови и балистички ракети. Во одделен напад врз пристаништето Одеса, еден вработен во приватна компанија бил повреден, а оштетен бил и товарен утоварувач.

Портпаролот на украинската морнарица потврди дека вкупно се оштетени три пловила, сите во турска сопственост, но без дополнителни детали. Турското Министерство за надворешни работи ја потврди штетата во пристаништето Чорноморск и соопшти дека нема информации за повредени турски државјани.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни