Русија ноќеска изврши масовен напад врз повеќе региони во Украина, користејќи 420 дронови и 39 ракети, од кои 11 балистички, соопшти украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Според неговата објава на мрежата Икс, цел на нападите биле објекти од критичната инфраструктура, вклучително гасни инсталации во регионот Полтава и електроенергетски подстаници во регионите Киев и Днипро.
Оштетени се бројни приватни домови и станбени згради, а десетици лица се повредени, меѓу нив и деца.
Итните служби интервенираат во регионите Чернигов, Запорожје, Харков, Кировоград, Виница и Киевската област, како и во самиот главен град Киев.
Според информациите објавени од Reuters, балистички и крстосувачки ракети биле насочени кон Киев и Харков, додека Запорожје било нападнато со беспилотни летала.
Гувернерот на Харков, Олег Синегубов, изјави дека во регионот се повредени најмалку 14 лица, меѓу кои и седумгодишно дете. Во Запорожје, според локалните власти, повредени се најмалку седум лица, а оштетени се 19 станбени згради, при што околу 500 домови останале без греење.
Зеленски наведе дека поголемиот дел од ракетите биле пресретнати благодарение на системите за противвоздушна одбрана испратени од западните партнери, договорени на неодамнешниот состанок во Рамштајн. Сепак, дел од проектилите ја погодиле целта.
Во последните месеци руските напади се фокусирани на украинскиот енергетски сектор, при што уништени се електрани и подстаници, а цели области остануваат без електрична енергија.