Руските сили нападнаа делови од градот Харкив во Украина со наведувани бомби, оставајќи без струја околу 30.000 корисници во три градски окрузи, соопштија локалните власти.
Обласниот гувернер, Олег Синегубов, соопшти преку „Телеграм“ дека нападите биле насочени кон округите Немишљански и Слободски на југоисток, како и Шевченковски округ на северот од градот.
Според градоначалникот Игор Терехов, во нападот се оштетени болница и далеководи. Три наведувани бомби погодиле болнички објект, при што се повредени четири лица – повеќето од парчиња скршено стакло. Околу 200 прозорци биле разбиени, а некои пациенти биле пренесени во други оддели.
„За жал, болницата е значително оштетена, а во неа имаше пациенти. Четири лица се повредени со различен степен на повреди“, рече Терехов.
Според локалните власти, руските напади се насочени главно кон енергетската инфраструктура – производство, пренос и дистрибуција на струја. Целта е да се парализира електроенергетската мрежа на Украина, особено во пресрет на зимата.
Минатата недела масовни руски напади на Киев и други градови оставија над 1 милион домаќинства и бизниси без струја и вода.
Во градот Костјантивка (регија Доњецк), две лица загинаа во понеделникот кога руски дрон ја погодил нивната кола. Руското Министерство за одбрана тврди дека нивните сили зазеле две нови села – едно во Доњецк, а друго во близина на Купјанск, кој подолго време е под напади.
Сепак, украинската Национална гарда објави дека успешно одбила нов обид за руски продор кај градот Добропиља, во близина на логистичкиот центар Покровск. Претседателот Володимир Зеленски потврди украински воени успеси во тој регион.