Русија и Иран со заеднички поморски вежби во близина на американски носачи на авиони

Русија и Иран започнуваат заеднички поморски вежби во Оманскиот Залив, во близина на американски носачи на авиони. Тензиите растат додека траат нуклеарните преговори со САД.

Русија ќе му се придружи на Иран во заеднички поморски вежби во Оманскиот Залив, во непосредна близина на американска ударна група носачи на авиони, соопшти Кремљ. Домаќин на вежбите, кои започнуваат утре, ќе биде иранската морнарица, а ќе учествуваат воени бродови од двете земји, објави британскиот весник The Telegraph.

Портпаролот на вежбата, изјави дека силите ќе спроведуваат „противтерористички операции и заштита на пловни објекти“. Станува збор за втора голема воена демонстрација на Техеран во регионот оваа недела, што аналитичарите ја толкуваат како демонстрација на сила во момент кога се водат нуклеарни преговори со САД.

Воена демонстрација среде тензии

Во регионот веќе се наоѓа една американска ударна група носачи на авиони, додека втора е на пат. Врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи, претходно се закани дека американските носачи може да ги испрати „на дното на морето“.

„Главната цел е подобрување на безбедноста и одржлива поморска соработка во Оманскиот Залив и северниот дел на Индискиот Океан“, изјави Магсудлу, додавајќи дека вежбите ќе придонесат за продлабочување на соработката меѓу двете морнарици во планирање и спроведување здружени операции.

Според него, одржувањето на овие вежби покажува дека Москва и Техеран внимателно ги следат случувањата во регионот.

Вежби и во Ормутскиот Теснец

Најавата доаѓа по воените маневри на Иранската револуционерна гарда во Ормутскиот Теснец, одржани во вторникот. За време на тие вежби, Иран привремено затвори делови од овој стратешки пловен пат и испали крстосувачки ракети.

Командантот на морнарицата на Револуционерната гарда, Alireza Tangsiri, предупреди дека „оружјето што се користи во вистинска борба се разликува од она на вежбите“. Иранската државна телевизија објави дека „Иран нема црвени линии во заштитата на Теснецот“, низ кој минуваат околу 20% од светските испораки на нафта.

Командантот на руската поморска група, капетан прв ранг Aleksej Sergejev, изјави дека постојното ниво на соработка покажува дека двете земји можат заеднички да решаваат бројни прашања на море и копно. „Подготвени сме за заеднички вежби во кој било регион, вклучително и специјализирани противтерористички операции“, додаде тој.

Предупредувања до „вонрегионалните“ сили

Командантот на иранската воена морнарица, упати предупредување до „вонрегионалните“ поморски сили.

„Исламската Република Иран веќе 47 години се соочува со закани, пропаганда и присуство на вонрегионални флоти во Западна Азија. Нивното присуство е неоправдано“, изјави тој, додавајќи дека иранскиот народ и ракетниот арсенал претставуваат средство за одвраќање од потенцијални непријатели.

Паралелно со дипломатските напори

Воените демонстрации се одвиваат паралелно со дипломатските напори во Женева, каде иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи одржа втор круг индиректни нуклеарни преговори со американски претставници.

Арагчи изјави дека е постигнат договор околу водечките принципи и дека двете страни се подготвуваат за размена на нацрт-текстови пред третата рунда разговори.

Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс оцени дека разговорите се движат во позитивна насока бидејќи е договорена нова средба, но нагласи дека постојат „црвени линии“ поставени од американскиот претседател кои Иран сè уште не е подготвен да ги прифати.

„Ќе го спречиме Иран да дојде до нуклеарно оружје – по дипломатски пат или со некоја друга опција“, порача Венс.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни