Русија го блокира користењето на WhatsApp, додека ја ограничува и употребата на Telegram

Двете најпопуларни апликации за пораки се цел на строги регулативи, додека Москва ја промовира државната алтернатива „Max“

Русија презеде чекори за целосно блокирање на апликацијата WhatsApp и дополнително го ограничи пристапот до Telegram, во рамки на пошироката политика за контрола над интернет-комуникациите, јавуваат меѓународните медиуми.

Според соопштенијата од Meta, сопственикот на WhatsApp, руските власти се обиделе да ја блокираат оваа апликација за пораки на целата територија на земјата, со што се погодени повеќе од 100 милиони корисници. Блокадата следува по ограничувањата воведени во последните месеци, кога руските регулатори почнаа да го ограничаваат пристапот до странски платформи како WhatsApp и Telegram поради, како што навеле, непочитување на локалните закони за безбедност и складирање на податоци.

Руската агенција за комуникации, Роскомнадзор, исто така започнала со постепено ограничување на Telegram, популарна апликација која често се користи и како платформа за вести и комуникација. Ограничувањата вклучуваат забавување на содржините и блокирање на одредени функции, со образложение дека апликацијата не ги исполнува барањата на руските закони.

Овие мерки се дел од поширокиот напор на Кремљ да го контролира интернет-просторот во земјата, со цел да ги насочи корисниците кон државно спонзорираната апликација „Max“, која е промовирана како „супер-апликација“ за пораки, владини услуги и плаќања, но без енкрипција што ја гарантира приватноста.

WhatsApp оцени дека блокадата е обид да се изолираат корисниците од приватни и безбедни комуникациски услуги и дека тоа може да ја намали безбедноста на милиони луѓе во Русија.

Критичари тврдат дека ограничувањата се дел од пошироката стратегија за контрола на информации и јакнење на државни механизми за надзор, особено во услови на војна во Украина.

Доколку странските апликации не се усогласат со руските закони, властите најавуваат дека блокадите би можеле да станат уште потешки. Сепак, од Кремљ истакнуваат дека би можеле да ги ублажат мерките ако компаниите покажат соработка во исполнување на локалните регулативи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни