Русија ги забрзала своите планови за директна агресија врз Европска унија, поместувајќи го рокот од 2030 на 2027 година, предупреди генерал-пуковник Кирило Буданов, директор на Главната разузнавачка управа при Министерството за одбрана на Украина.
Според Буданов, Москва сè погласно ја перципира Европа како „слаба и неодлучна“ и токму тоа ја охрабрува да размислува за проширување на конфликтот надвор од Украина.
„Русија смета дека Западот е слаб, болен, алчен и неодлучен. Во нивната логика, тоа е единствената насока во која можат да се движат“, изјави Буданов, анализирајќи ги геополитичките опции на Кремљ.
Балтикот како најранлива точка
Шефот на украинското разузнавање посочи дека, според проценките на Киев, балтичките земји би можеле да се најдат под директна закана од руска агресија, па дури и под потенцијална окупација во сценарио на ескалација.
Првичните планови на Москва, според него, предвидувале подготвеност за вакви дејства дури по 2030 година, но динамиката на војната во Украина и проценката за слабеење на западната решителност довеле до значително скратување на роковите.
„Русија себеси се гледа како империја што постојано мора да се шири – територијално и политички. Во нивната логика, застојот значи слабост“, нагласи Буданов.
Полска – воени удари, но не и окупација
Во однос на Полска, Буданов изјави дека таа во моментов не се разгледува како цел за окупација, туку исклучиво како мета за можни воени удари.
„Според информациите со кои располагаме, Полска се разгледува за воена кампања без територијално заземање“, рече тој, додавајќи дека ваквите сценарија се дел од поширокиот руски притисок врз источниот дел на Европа.
Растечка загриженост во НАТО и ЕУ
Овие предупредувања доаѓаат во време на засилени безбедносни консултации меѓу европските држави. Неодамна во Хелсинки се одржа првиот самит на земјите од источниот фронт на ЕУ, посветен на безбедноста и заштитата на надворешните граници на Унијата и НАТО.
На состанокот учествуваа претставници на Полска, Финска, Шведска, Литванија, Латвија, Естонија, Романија и Бугарија.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, дополнително ја засили загриженоста, изјавувајќи дека Алијансата веќе се наоѓа „во зоната на ризик“.
„НАТО е следната потенцијална цел на Русија. Заканата е директна и растечка, и мора да дејствуваме веднаш за да спречиме нова војна во Европа“, порача Руте од Берлин.