Меѓународната унија за телекомуникации минатата недела ги разгледувала поплакитео д Украина, Франција, Холандија, Шведска и Луксенбург за пречки на сателитите, што се појавувале изминатите неколку месеци. Пречи имало во ГПС сигналите, што ја загрозува контролата на воздушниот сообраќај и биле прекинувани детски телевизиски канали, за да се прикажат насилни сцени од војната во Украина.
Комитетот за радио регулативи во Унијата изрази сериозна загриженост поради намерното попречување на сигналите и таквата практика ја оценија како загрижувачка и неприфатлива.
Попречувањето на француските и шведските сателитски мрежи било лоцирано дека доаѓа од просторот на Москва и Калинград. Комитетот побара од Русија веднаш да прекине со тоа и да ги истражи ваквите инциденти.
Тие исто така побараа состанок со погодените земји и Русија, за да се реши кризата и да се спречи да се повтори ваквото блокирање сигнали.
Москва, која негира дека ги крши правилата на Меѓународната унија за комуникации, исто така се пожалила дека земји од НАТО ѝ ги блокираат сателитите, но тие жалби не биле разгледувани минатата недела.
Меѓународната унија за телекомуникации има 193 земји членки, а седиштето на организациајта е во Женева. Тие се одговорни за регулација и координација на глобалните сателитски системи.