Русе Арсов: публиката се обраќа и има однос кон МКЦ како кон личност

На минута до отворањето на фестивалот Млад отворен театар, му поставивме неколку прашања на Русе од МКЦ, човекот кој долго време е органски вграден во програмата и општото работење на Младинскиот културен центар. И во добро и во лошо.

Трн: Млад отворен театар полни 48 години, како успевате да го одржите млад? Како избегнувате да го фати средовечна криза и да почне да се клука со апчиња за да пројде низ програмата?

Русе: Тоа што е еден од најстарите во регионот, не значи дека МОТ е стар. Па нема уште ни 50! МОТ од секогаш го красела една младалашка особина – бил жилав, бунтовен, инаетлија. Никако не сакал да се предаде, пркосел на секој предизвик. Секогаш бил опкружен од убави луѓе кои му давале сила да истрае, и верба дека: ќе биде подобро. За инает на сите – ќе биде подобро!

Трн: Лани МОТ се отвори со Кислород на Битолски театар, кој театар / режисер ќе го отвори овогодинешниот? Има ли доволно гратиси за сите значајни фаци?

Русе: Одамна веќе во МКЦ не се бавиме со посебни протоколи, церемонии за отворања и помпи. Немаме потреба од лажен гламур, црвени теписи. Оние кои бараа гратиси видоа/не-видоа, не сме им интересни, и сами се повлекоа. Сега е лесно. За да нема лутење, по минатогодишното „битолско“ отворање, оваа година ги имаме прилепчани… со режисер битолчанец Секогаш многу се радувам кога на домашни продукции и автори им даваме поголема видливост на меѓународни фестивали. Мартин Кочовски, го поставил Декамерон во Прилепскиот театар – па гордо ќе ги поздравиме во среда на отворањето на МОТ 2023.

Трн: Да се менаџираат програми, процеси и настани во културата е прилично… напорно и речиси секогаш многу стресно, која е наградата која што ја добиваш и која те тера да продолжиш понатаму? Парите сигурно не се.

Русе: Јас мојата награда за досегашната работа (за жал) ја добив. И не беше финансиска, се согласувам. Но Да, се уште на секој проект се радувам ко да ми е прв, ја имам истата нервоза и трема кога мои колеги прават убави настани, се радувам на убавите насмеани луѓе кои ни веруваат и доаѓаат на нашите настани. Тоа ми го враќа одново и одново оптимизмот дека „ќе нè биде“ и ќе ја завршиме нашата домашна, па нема да се срамам од ќерка ми каков град и каква средина за живеење ТУКА и оставам(е).

Трн: Во 2021 година МКЦ стана член на Liveurope – пан европска иницијатива која поддржува концертни простори низ Европа. Дали тоа членство е реална додадена вредност за МКЦ, дали може да се почувствуваат придобивки?

Русе: Членството во Liveurope на почетокот го сфативме како комплимент и награда за до сега сработеното. Кажав и претходно – на техничко и буџетско ниво пре-далеку сме од тоа друштво. Но сега, кога годишниот буџет за концерти ни е колку цена за еден не толку познат бенд, оваа поддршка буквално не држи во живот со музичката понуда на центарот. Истовремено, самиот концепт на оваа соработка прави да запознаеме голем број на супер нови млади бендови. Публиката тоа го препозна и е тука. Тоа охрабрува многу.

Трн: Кога не би бил продуцент, би бил…

Русе: Службеник на шалтер. Од 8 до 16 – со пауза. Не мора да искачаш често, но кога искачаш – те чека коњопој со бело ливче на кое пишува „Русе Банкарот – 6“. Кибла лед, Џејмисон 0,7,  две лименки Ред бул. ОК јас и онака не пијам енергетски – не ми требаат. Ги знам рефрените, а и богами точно знам и која е следната што ќе ја свират. Пола вечер со кренат мобилен и снимам. Ќе постирам покасно… ОК лажам, извини. Најверојатно би бил во ИТ секторот (ќе организирам активности за социјализација на програмери).

Трн: МКЦ е културна тврдина, особено на независната сцена во Скопје, тука растат новите генерации, тука се случува голем дел од културната размена и циркулацијата на уметници од регионот и пошироко од европскиот континент. Дали во овој период на сериозна криза на постоењето на МКЦ, наоѓате сила да се занимавате со замислување и планирање на иднината на центарот и манифестациите во него?

Русе: Сањари сме ние, не грижете се. Ранети како никогаш претходно, скришно ги лижеме раните, но со кренати глави гледаме напред. Ќе помине и ова. Повеќе не плаши генералниот однос на системот према културата и млади кај нас воопшто. Но МКЦ не е само јавна институција, јавна администрација, јавна зграда. Сте приметиле ли дека на социјалните медиуми на пример, публиката се обраќа и има однос кон МКЦ како кон личност?  Ќе нè  биде!

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни