РТС ја игнорира комеморацијата во Нови Сад – наместо пренос, емитуваше стари филмови и концерти

Додека десетици илјади луѓе присуствуваат на комеморацијата за жртвите од трагедијата на железничката станица во Нови Сад, државната телевизија РТС не го пренесува настанот во живо, предизвикувајќи бурни реакции во јавноста.

Српската јавност реагира остро поради одлуката на Радио-телевизија Србија (РТС) да не ја пренесува во живо комеморацијата во Нови Сад, посветена на жртвите од трагичниот пад на настрешницата на железничката станица, во која пред една година загинаа 16 лица.

Додека над 50.000 граѓани, студенти и активисти се собраа на улиците на Нови Сад за да оддадат почит на настраданите, РТС на своите програми емитуваше архивски филмови и музички концерти, без никаква директна репортажа од местото на настанот.

Реакциите на социјалните мрежи беа бурни, при што голем број корисници ја обвинија државната телевизија за цензура и игнорирање на настан од јавен интерес, со коментари дека ваквиот чин е „срам за јавниот сервис“.

Новинарски здруженија во Србија предупредија дека РТС има законска обврска да известува за настани од значење за граѓаните и дека непокривањето на ваква масовна комеморација претставува „пример на политички притисок и медиумска контрола“.

Претставници на опозициските партии изјавија дека ова е уште еден доказ за системска манипулација со јавниот сервис, кој, наместо да информира, „служи како средство за одржување на владејачката слика во медиумскиот простор“.

Паралелно со комеморацијата, граѓаните продолжија да пристигнуваат во градот, носејќи свеќи, цвеќе и транспаренти со имињата на загинатите, во атмосфера на тишина и солидарност.

Организаторите порачаа дека целта на собирот не е политичка, туку човечка – потсетување дека по една година од трагедијата никој сè уште не одговарал за несреќата, иако истрагата формално е завршена.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни