Розова Месечина е името за полната Месечина во април. Иако по името може да се очекува да биде во впечатлива розова боја, Месечината најверојатно нема да изгледа така. Името е симболично и не го опишува нејзиниот вистински изглед.
Називот потекнува од времињата кога луѓето ги именувале полните месечини според сезонските промени во природата, за полесно да го следат текот на месеците. Во овој случај, името е поврзано со розов цвет од Северна Америка што цвета токму во овој период од годината.
Априлската полна Месечина има и дополнително значење, бидејќи игра важна улога во одредувањето на датумите за Велигден и Пасха.
Во различни делови од светот, оваа полна Месечина има и други имиња, како Месечина на никнувањето на тревата и Месечина на јајцето, кои исто така го симболизираат почетокот на пролетта.
Постојат и називи како Рибина Месечина, што се однесува на периодот кога рибите се движат нагоре по реките за мрестење, како и Месечина на кршењето на мразот, што го означува доаѓањето на потопло време.
Овие имиња потекнуваат од древни традиции, од времето пред модерните календари, кога луѓето го набљудувале небото за да го одредат годишното време.
Тие биле практичен начин да се означи промената на сезоните, а најчесто се поврзувале со значајни природни појави, како што се Ловџиска Месечина, Жетварска Месечина и Цветна Месечина.
Полната Розова Месечина во април ќе почне да се појавува во среда навечер, на 1 април, а својот врв ќе го достигне во четврток, на 2 април, во 04:12 часот по наше време.
Во вечерните часови на 1 април, Месечината ќе се издигне ниско над хоризонтот и поверојатно е да има портокалова, отколку розова нијанса.
Временската прогноза засега не е идеална за овогодишното набљудување, а метеоролозите најавуваат многу студена ноќ, со облаци и дожд.