Граѓани од ромската заедница вчера и денеска организираа блокади на патишта во повеќе градови низ државата, изразувајќи незадоволство од воведувањето и примената на системот „Безбеден град“. Протести се одржаа во Кичево, Струмица, Штип, Кочани, Шуто Оризари, како и на главниот пат од Битола кон Преспа.
Причина за протестите се засилените полициски контроли, изрекувањето високи казни и одземањето возила на лица без возачка дозвола. Дел од демонстрантите тврдат дека се дискриминирани, посочувајќи дека поради недоволно образование немаат услови да аплицираат за полагање возачка дозвола.
– Ако ова не се тргне, ќе излегуваме секој ден, 24 часа. Цела Македонија нема да има мир – порачаа дел од учесниците на протестите.
Друг демонстрант истакна дека новите мерки директно ја загрозуваат егзистенцијата на многу семејства.
– Луѓе останаа без леб, без можност да ги школуваат децата. Бараме или да се врати стариот закон или да ни се овозможат услови да полагаме, затоа што сите знаат дека голем дел од Ромите немаат образование – рече тој.
Во меѓувреме, премиерот Христијан Мицкоски побара од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски итно да реагира на секоја закана по јавниот ред и безбедност.
– Секој што го прекршил законот, упатувал закани или го загрозувал јавниот ред ќе се соочи со остар одговор. Нема да дозволиме да се повтори вчерашната катастрофа – изјави Мицкоски.
Протестите и блокадите предизвикаа бројни реакции на социјалните мрежи, каде дел од граѓаните бараат законите да важат еднакво за сите, со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот и намалување на нерегистрирани возила и возачи без дозвола.
