Романија, членка на Европската унија и НАТО, ќе ги повтори изборите во два круга на 4 и 18 мај, откако Уставниот суд го поништи првиот круг од декември поради обвинувања за руско мешање во корист на радикалниот десничар и проруски фаворит Калин Георгеску. Иако Георгеску, како и Москва, ги негира обвинувањата, нему му беше забрането повторно да се кандидира.
Доколку Симион успее да ги придобие гласачите на Георгеску, тоа би можело да влијае на натамошното геополитичко позиционирање на Романија, која би можела да се доближи кон Москва, по примерот на Унгарија и Словачка.
Георгеску засега не му дал поддршка на ниту еден кандидат, а Симион и Ана-Марија Гаврила, лидерка на партијата „Млади луѓе“ (POT), постигнаа договор дека оној со поголеми шанси ќе добие поддршка. Денеска, Гаврила официјално се повлече од трката.
„Одлучивме да го поддржиме оној кој има најголеми шанси за победа“, изјави Гаврила во заедничко видео со Симион.
Симион: „На Романија и треба единство“
Триесетосумгодишниот Симион, кој ја води екстремно десничарската партија Алијанса за обединување на Романците (AUR), успеа да ја трансформира својата партија од маргинална антиваксерска група за време на пандемијата во водечка опозициска сила, привлекувајќи ја работничката дијаспора и младите гласачи, додека истовремено ја критикуваше традиционалната политичка елита.
„Денес, повеќе од кога било, Романија има потреба од единство на националните сили“, објави Симион на социјалните мрежи.
Иако тој тврди дека не е проруски ориентиран и го нарекува Владимир Путин „воен злосторник“, сепак, како и Георгеску, смета дека Романија треба поодлучно да ги следи сопствените интереси.
Симион поддржува обновување на границите на Романија од пред Втората светска војна, што ги вклучува териториите на денешна Бугарија, Молдавија и Украина. Поради ова, тој е прогласен за персона нон грата во последните две држави.
Според последните анкети, Симион има големи шанси да влезе во вториот круг, но заостанува зад центристичкиот градоначалник на Букурешт, Никушор Дан, кој на изборите се кандидира како независен кандидат.