На 15 март 1906 година, официјално е основана компанијата Rolls-Royce, една од најпознатите светски компании за производство на луксузни автомобили и напредни технологии. Основана е благодарение на соработката на двајца исклучителчни поединци, Чарлс Стјуарт Ролс и Фредерик Хенри Ројс. Нивното партнерство резултирало со создавање на бренд кој стана синоним за квалитет, иновации и престиж.
Историјата на Rolls-Royce започнува со двајца мажи од различно потекло. Хенри Ројс (1863-1933) бил инженер и претприемач кој во 1884 година ја основал својата компанија F.H. Royce & Co. во Манчестер, која се фокусирала на производство на електрични уреди и лифтови. Ројс бил перфекционист, а неговата љубов кон инжењерството се покажала кога во 1903 година дизајнирал свој автомобил, по разочарувањето од лошото качество на францускиот автомобил Decauville.

Чарлс Ролс (1877-1910), од друга страна, бил аристократ, автомобилски ентузијаст и претприемач. Син на барон Лангаток, Ролс студирал на Кембриџ и рано се заинтересирал за автомобили. Тој ја основал компанијата C.S. Rolls & Co. во Лондон, каде што продавал увезени автомобили, но барал сигурен британски автомобил кој ќе ги задоволи неговите клиенти.
На 4 мај 1904 година во хотелот Midland во Манчестер, Ролс го запознал Ројс по препорака на заеднички пријател. Ролс бил импресиониран од автомобилот на Ројс и неговото внимание на деталите, така што тие брзо се договориле за соработка: Ројс ќе произведува автомобили, а Ролс ќе ги продава ексклузивно.
Партнерството било формализирано на 15 март 1906 година со основањето на Rolls-Royce Limited. Првиот модел, Rolls-Royce 10 hp, бил претставен 1904 година на Парискиот автомобилски салон, но вистинскиот успех доаѓа со моделот Rolls-Royce 40/50 hp, познат како Silver Ghost, кој беше лансиран 1906 година. Овој автомобил се прославил со својата сигурност и тивкост, поставувајќи стандарди за луксузни возила.
Rolls-Royce брзо се етаблирале како лидери во автомобилската индустрија и веќе во 1908 година ја преместиле продукцијата во погон во Дерби за да одговорат на растечката побарувачка. Симболот на компанијата, познатата фигура Spirit of Ecstasy, беше воведен во 1911 година, дополнително зајакнувајќи го имиџот на брендот.
Трагично, Чарлс Ролс загинал во 1910 година во авионска несреќа, станувајќи првата жртва на авионска несреќа во Велика Британија. Сепак, Ројс продолжил да ја води компанијата и да ја насочува кон нови успеси.

Во текот на Првата светска војна, Rolls-Royce започнале да произведуваат авионски мотори. Со текот на времето, компанијата продолжила да се занимава со иноваторство, а подоцна се поделила на Rolls-Royce Motors (автомобили) и Rolls-Royce Holdings (аеронаутика и технологии) поради финансиски проблеми во 1970-ите години. Сега, Rolls-Royce е синоним за луксуз и инженерска извонредност, благодарение на темелите поставени од Ролс и Ројс пред повеќе од еден век.