Родители на загинатите деца го блокираа влезот на болницата во Кочани и се спротивставија на одлуката телата на жртвите од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ да бидат транспортирани во Скопје на Судска медицина.
Како што пренесува Дојче Веле, атмосферата пред кочанската болница е исклучително тензична. Огорчените родители кои во пожарот ги изгубија своите најблиски не дозволуваат телата да бидат однесени за дополнителна обдукција во Скопје, барајќи веднаш да им бидат предадени за да можат да ги подготват погребите.
– Цел свет разбра зошто умреа и како умреа. Што ќе седиме уште тука? Децата не ги даваме – револтирано реагираат родителите, кои направија жив штит пред влезот на болницата.
Пред болницата има засилено полициско присуство, а присутна е и обвинителка од Скопје која на родителите им ја објаснува законската процедура и потребата од дополнителната обдукција.
Во меѓувреме, неколкумина родители заминаа на разговор со претставници од надлежните институции со цел да најдат заедничко решение и договор за понатамошните постапки.
Претходно, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски рече дека мора да се изврши обдукација на секое починато лице.
Во Општата болница во Кочани веќе пристигнаа триесетина возила од погребните претпријатија и од АРМ, кои треба да ги транспортираат телата нна загинатите на обдукција во Скопје.
Во пожарот што избувна изминатата ноќ во дискотеката „Пулс“ животот го загубија 59 лица на возраст од 14 до 25 години, главно жители на Кочани.